Болки во увото, вртоглавица, проблеми со сонот – Новинарка на „Велт“ за инцидентот на протестот во Белград

По најголемиот студентски и граѓански протест во Белград, каде што се собраа стотици илјади граѓани, продолжуваат извештаите за вознемиреноста во центарот на градот по она што многумина го опишаа како употреба на звучен топ.

Новинарката на германскиот „Велт“, Татјана Ом, која беше присутна на протестот, на платформата Икс сподели детали за своето искуство од инцидентот.

„Главната тема денес во Белград е можната употреба на звучниот топ LRAD. Еве како јас го доживеав тоа: стоев пред влезот на хотелот за време на 15-минутната тишина. По 12 минути, одеднаш слушнав звук – не можев да одредам каков. Веднаш потоа се огласи сирена и се создаде панична гужва. Јас и другите бевме приковани на влезот. Ситуацијата беше збунувачка, ни требаше време да се вратиме во нормала. Луѓето бегаа кон Славија“, пишува таа.

Ом додава дека во следните 30 минути чувствувала силна вртоглавица и внатрешна непријатност. „Можеби беше од гужвата, но сѐ повеќе луѓе пријавуваат слични симптоми – болки во увото, вртоглавица, проблеми со сонот“, наведува новинарката.

Неколку стотици граѓани кои биле на плоштадот „Славија“ ги споделија своите сведоштва за инцидентот, тврдејќи дека се користело нелегално полициско и воено оружје за контрола на толпата, при што многумина се пожалиле на последици од паниката и можните ефекти на звучниот сигнал.

Српските власти, меѓу кои и претседателот, министрите за здравство и правда, како и безбедносните институции, ја негираа употребата на звучен топ. Вишото јавно обвинителство во Белград отвори истрага за ширење лажни вести, додека Првото основно обвинителство најави истрага за самиот инцидент.

Зачлени се на нашиот е-билтен