Боне Спасовски инвестира 55 000 евра во нов лозов насад со „Темјаника“: Доста барана сорта, лани цената достигна 45 денари за килограм

Земјоделскиот производител Боне Спасовски од село Виничани, Општина Градско со земјоделство се занимава од дете, а професионално од 1988 година по завршување на средното земјоделско училиште. Со неговото семејство произведуваат грозје, сливи, кајсии и круши. Сите насади се врвно професионално изработени со големи инвестиции, најголемиот дел сопствени средства но тука се и субвенциите од државата и фондовите како ИПАРД.

На прашањето дали има пари во земјоделското производство, вели дека има ако се работи професионално и ако се инвестира.

-Јас еден сок се немам напиено со парите од субвенциите, сите ги инвестирам. Секој сериозен земјоделец ако работи професионално, ако се посвети на производството ќе има добра заработка. На пример, од лозовите насади имам по 4 тона грозје од декар секоја година и не можам да издвојам кога било подобро или полошо, за мене секоја година е добра. Годините се различни во зависност од временските услови кај кајсијата, на пример лани ја дадов по едно евро за килограм, ама оваа година измрзна. Затоа секој земјоделец мора да има најмалку три производства. Јас имам 10 декари со круша и 7 декари со слива. Од лозарство имам одрина со вранец на 30 декари и млад насад 20 декари со темјаника и еве сега садиме уште 7 декари од сортата Темјаника. На оваа сорта се одлучив затоа што е многу барана од помалите винарии – вели за Агротим, Спасовски.

Лозовиот насад од сортата Темјаника се наоѓа во село Свеќани, на 460 метри надморска висина, во подножјето на планината Клепа.

-Инвестицијата во насадот со Темјаника е 55 000 евра, сопствени средства. Садниците се италијански по цена од 90 денари – садник. Во подигнување на насадот ми помогнаа десетина мои блиски луѓе и завршивме добра работа. Се надеваме на успешност и долги години да береме квалитетно грозје. Оваа година планирам да наберам 40 тона темјаника од 20 декари насад што е трета година – вели Спасовски.

Иднината ја гледа најмногу во лозарството поради решениот пласман.

-Имам добра соработка со винарија „Камник“ и годинава ќе оди таму вранецот по 35 денари за килограм. Темјаниката ја купуваат помалите винарии и за неа постои голем интерес, лани достигна цена од 40-45 денари за килограм – изјави Спасовски.

Репортажата за земјоделскиот производител Боне Спасовски од Виничани ќе ја завршиме со неговите планови за иднината кои ги гледа во лозарството, производството на квалитетно грозје и сигурниот профит кога се работи, како што вели, професионално и со љубов.

извор: Бриф.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен