Бугарија загуби 653 милиони евра од ЕУ фондовите поради застој во реформите

Бугарија неповратно загуби 653 милиони евра од Инструментот за закрепнување и отпорност на ЕУ, поради неисполнување на реформските обврски. Дополнително, земјата ризикува да остане и без поголемиот дел од преостанатите средства од овој механизам.

Според вицепремиерот Томислав Дончев, Европската комисија нема да ја исплати следната транша од фондовите, бидејќи реформите не се реализираат според договорениот план.

Од вкупно 5,5 милијарди евра што Бугарија треба да ги добие преку девет транши, досега ѝ се исплатени само 1,34 милијарди. Земјата се обврза да спроведе 321 реформа, но реализирала само 115.

– За четири години, Бугарија исполни само мал дел од обврските кон Европската комисија – изјави Дончев.

Крајниот рок за искористување на предвидените средства е август 2026 година. По тој датум, трошоците за проекти што не се завршени ќе треба да се покријат од националниот буџет, што може да доведе до фискални ризици.

Исплатата на втората транша беше стопирана во октомври, бидејќи бугарското Собрание не успеа да ги усвои измените во Патоказот за климатска неутралност. Блокадите дојдоа од страна на проруската партија Преродба и популистичката ИТН, која сега е дел од новата влада.

Бугарија доцни и со реформите поврзани со борбата против корупцијата и законите за личен банкрот и заштита на укажувачите.

Владата веќе преговара со Европската комисија за откажување на некои проекти, бидејќи нивната реализација до 2026 година изгледа невозможна. Министерството за финансии информира дека седум проекти сигурно нема да се спроведат, а 15 други имаат мали шанси.

Меѓу програмите со најголемо доцнење е проектот за реновирање и енергетска ефикасност на старите станбени згради, за кој беа предвидени над една милијарда евра.

Причина за овој застој е и политичката нестабилност – во последните три години, Бугарија беше управувана од технички влади или нестабилни коалиции со краток мандат.

Зачлени се на нашиот е-билтен