Бугарски букви на споменикот на Турунџев, општината ја исправа грешката

Општина Битола ќе изработи нова спомен – плоча со современ македонски фонт, целосно усогласен со правописните норми на македонскиот литературен јазик, наведоа денеска од Општината, по вчерашното откривање на споменикот на Александар Турунџев и реакциите дека за натписот е користен фонт со бугарски букви.

-Општина Битола ја информира јавноста дека во врска со спомен – плочата посветена на Александар Турунџев се појавија јавни реакции поради визуелниот изглед на користениот фонт. Забелешките беа насочени кон тоа дека буквите изгледаат како да се напишани со туѓа ортографија. Сепак, стручната лингвистичка анализа покажува дека не станува збор за туѓа ортографија, туку за типографско решение во декоративен стил, каде одредени форми повеќе наликуваат на латинични знаци отколку на кирилични.Таквата визуелна сличност го создаде впечатокот на погрешно напишани зборови, се наведува во соопштението.

Се додава дека имајќи ја предвид чувствителноста на прашањето и значењето на јазикот и писмото како дел од националниот идентитет, Општина Битола ќе изработи нова спомен – плоча со современ македонски фонт, целосно усогласен со правописните норми на македонскиот литературен јазик.

-Со овој чекор, целта е да се избегне секаква забуна и да се обезбеди јасна и прецизна јазична форма, како што прилега за јавните обележја што ја чуваат историската меморија и сите други форми на јазичен израз. Општина Битола останува посветена на негување на јазичната исправност, културната традиција и достоинственото чествување на хероите што се вградиле во слободата на Македонија, се нагласува во соопштението. 

Зачлени се на нашиот е-билтен