По децении на неуспешни обиди и стратегии, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, призна дека изградбата на хидроцентралата Чебрен е предизвик кој државата не може да го совлада самостојно
-Најубаво е како држава сами да ја изградиме, но се работи за проект кој ќе чини најмалку една милијарда евра, што не е мала ставка знаејќи каков ни беше Буџетот“, изјави Божиновска на Националниот самит за дигитална енергетска и безбедна критична инфраструктура.
Таа додаде дека за изградбата на хидроцентралата Чебрен ќе биде избран најсоодветниот модел во најкус можен рок, нагласувајќи дека целта е ова да биде македонски државен проект.
Ова признание доаѓа по 14 неуспешни тендери за изградба на хидроцентралата Чебрен, последниот од кои пропадна во јануари 2024 година. Грчката компанија „Архиродон“, избрана како најповолен понудувач во септември 2023 година, не ја продолжи банкарската гаранција, што доведе до поништување на тендерот . Министерката за животна средина, Каја Шукова, тогаш изјави дека компанијата не обезбедила средства од банките за реализација на проектот .
Идејата за изградба на хидроцентралата Чебрен датира уште од 60-тите години на минатиот век, но досега сите обиди за реализација беа неуспешни.
-Разгледуваме дали Чебрен ќе се реализира заедно со Галиште, колкава ќе биде браната и сме при крај со пресметките за вкупната инвестиција – додаде таа.
Работната група формирана уште во декември под координација на Министерството веќе одржала неколку состаноци, со цел што поскоро да се донесе конечната одлука.
Паралелно со ова, Божиновска информираше и за новиот Закон за енергетика кој беше изгласан во Собранието. Се очекува наскоро да биде потпишан од претседателката и да стапи во сила.
– Важно е што е направен првиот чекор. Некои мерки веќе се започнати – рече министерката, посочувајќи дека се работи на методологија за справување со енергетската сиромаштија, а некои компании веќе ги анализираат можностите за изградба на батериски капацитети за складирање струја од обновливи извори.