Утрово мерните станици во главниот град покажуваат ниска концентрација на ПМ10 честички во воздухот. Тоа се должи на дождот кој врнеше и силниот ветер во текот на ноќта.
Според податоците на реномираната страница за мерење на квалитетот на воздухот IQ Air, Скопје утрово е рангиран на 125-то место со индекс 59.
Меѓу најзагадени градови утрово се Делхи, Лахор, Каиро, Калкута, Ташкент, Хангжу, Мумбаи, Вухан, Дака и Дубаи. Во првите десет најзагадени метрополи нема ниту еден европски град.
Институциите имаат обврска да го спречат загадувањето на воздухот, но наместо мерки тие меѓусебно си ја префрлаат одговоноста.
Надминувањата во земјава изминатите денови се за неколку пати повеќе од она што го дозволува прописот и европската директива. Граничните вредности се најстрогите правила во законодавството на Европа.
Горната граница на европската директива, а тоа е средна годишна концентрација на загадувачки честички од 24-25 микрограми на метар кубен, но на почетокот на годинава Европската унија донесе одлука во која ги задолжува земјите членки да се приближат што е можно поблиску до новата гранична вредност на Светската здравствена организација. Имено, според упатството на Светската здравствена организација концентрацијата на ПМ2,5 честичките треба да биде само 5 микрограми на метар кубен воздух.
Според законите, при надминување на граничните вредности властите се должни да дефинираат мерки за намалување на концентрациите на загадувачката супстанција.
Според најновото истражување на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, согорувањето на биомаса за греење, сообраќајот, минералната прашина од градежништвото и од улиците, палењето на стрништата и друг отпад на отворено, секундарните честички и горењето на мазут и нафта во јавните објекти и дел од индустриски објекти, се најголемите извори на загадување на воздухот со ПМ 2,5 честички. Убедливо најголемо учество во создавањето на ПМ 2,5 честички има согорувањето на дрва, околу 30 отсто, особено во зимските месеци, за време на грејната сезона.
Како и претходните години, податоците од Државниот мониторинг не се целосни. Има мерни станици кои воопшто не функционираат, како таа во Велес, како и неколку кои работат само половично, како тие во гевгелија, Берово, Прилеп, Кочани, како и скопската кај Ректорат, која мери само ПМ 10. Нецелосни бројки даваат и станиците во Гостивар, Миладиноцви, Ѓорче Петров, Битола и Струмица. Зелената боја, како и претходните години во овој период доминира само во Лазарополе.