Бројот на пациенти кои се лекуваат во странство во моментов е 113, а се очекува во текот на денот да се вратат уште пет пациенти кои беа повредени во пожарот во дискотеката во Кочани – четири од Шпанија и еден од Грција, информира денеска на прес-конференција министерот за здравство Арбен Травари.
-За оние кои се лекуваа надвор од државата имаме добри вести. Денеска веќе не се бројка 115 туку 113 што се лекуваат. Вчера еден пациент е вратен од Србија и една пациентка е вратена од Бугарија. Денеска се враќаат пет пациенти, четворица од Шпанија и еден од Грција, со тоа до крајот на денот 108 пациенти ќе бидат на лекување во странство, рече Таравари на прес-конференцијата.
Тој додаде дека најавени се уште четири пациенти за враќање, но за тоа утре дополнително ќе информираат.
Пациентите кои денеска се враќаат ќе бидат минимум под 24-часовен надзор според протоколот. Доколку конзилиумот од доктори одлучи дека треба да се пуштаат дома, ќе бидат пуштени на домашно лекување или ќе останат на лекување на некоја од клиниките.
Во здравствените центри во државата тој кажа дека во моментов се лекуваат 23 пациенти повредени во пожарот во Кочани, а повеќе од 20 се пуштени на домашно лекување. Во Клиничкиот центар се само четворица, двајца на Клиниката за пластична хирургија, двајца на Токсикологија, девет пациенти се во Градската болница „8 Септември“ од кои еден е за испис и во Систина се лекуваат четворица пациенти. Сите овие пациенти се стабилни и во добра состојба.
Таравари кажа дека пациентите кои се сместени во домашните болници во наредните денови ќе информираат кога ќе бидат пуштени дома. Очекува дека повеќе од половината од нив следните 5-6 дена да бидат испишани, а оние што се оперирани ќе треба подолг период да бидат задржани во болницата.
На новинарско прашање Таравари кажа дека најголем дел од пациентите кои се враќаат денеска се со изгореници. Потврди дека кај четворицата пациенти во критична состојба кои се на лекување во странство, состојбата засега и натаму е многу тешка, но стабилна.
Пациентите кои ќе притигнуваат од странство, засега нагласи министерот, ќе бидат прифаќани низ клиниките.
-Во меѓувреме веќе имаме понуди од одредени држави на тие кои се потешки пациенти и на кои им треба рехабилитација подолго време, евентуално да престојуваат подолго време надвор од државата. Но и тука планираме да направиме во внатрешноста некој центар за пациентите на кои ќе им треба подолга рехабилитација. Во моментот се уште немаме одредено центар, но размислуваме за 2-3 можни опции. Ќе ве известиме штом донесеме одлука како кризен штаб, рече министерот за здравство Таравари.