Членството на СДСМ денес ќе го потврди новиот мандат на Филипче како лидер на партијата

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска одржува внатрепартиски избори на кои треба да биде потврден актуелниот лидер, Венко Филипче.

Гласањето се спроведува на 78 избирачки места во општинските организации низ државата, од 08 до 20 часот. Централната изборна комисија на СДСМ е надлежна за организација на процесот. Регистрирани се 23.712 членови со право на глас, а обезбеден е целокупен избирачки материјал.

Гласањето е тајно и непосредно, а членството треба да носи важечки личен документ и електронска членска картичка. За болни и немоќни лица гласањето беше овозможено вчера.

Резултатите ќе бидат соопштени по затворањето на гласањето. Дополнителни информации се достапни на официјалната веб-страница на партијата.

Изборите првично беа закажани за 16 март, но беа одложени поради трагедијата во Кочани. Филипче беше избран за лидер на партијата во јуни минатата година, по оставката на Димитар Ковачевски. Новиот мандат ќе трае четири години.

Зачлени се на нашиот е-билтен