ЦИВИЛ – Центарот за слобода предупредува за загрижувачката состојба со човековите права ширум светот. Од катастрофалните последици на војните до репресиите на авторитарните режими, како што велат, основните принципи на достоинството, правдата и еднаквоста се поткопуваат секојдневно.
На денешната прес – конференција, организацијата заедно со МЕДИА ДИЈАЛОГ / Y4M (Северна Рајна-Вестфалија, Германија) ја објавија агендата на големата меѓународна конференција „ОДБРАНА НА ДЕМОКРАТИЈАТА И ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА„.
Неодамна, ЦИВИЛ ја лансира веб страницата DefendingDemocracy во состав на интернет весникот ЦивилМедиа. Веб страницата се креира по повод големата меѓународна конференција „Одбрана на демократијата и човековите права во услови на војна, национализам и авторитаризам“ што ќе се одржи во Скопје, 11 и 12 декември.
Новата интернет платформа на ЦИВИЛ е на англиски јазик, со линкови до сите содржини на македонски и албански. На располагање е новата рубрика ДЕМОКРАТИЈА (линк) на македонски, односно DEMOKRACI (линк) на албански, специјално посветени на Конференцијата, како и на сите резултати што ќе произлезат од овој значаен меѓународен настан.
Конференцијата се состои од четири сесии, во кои учествуваат повеќе од 25 учесници од Северна Македонија, регионот, Европа и САД, како и изложба и штандови со изданија на организацијата која оваа година одбележува 25 ГОДИНИ од основањето.
Како што посочија претседателот на Цивил Џабир Дерала како и Волфганг Ресман, претседателот на Медиа дијалог/Y4M од Германија изминатите години особено е загрозена демократијата во светот но и поединечно како во Украина, руската агресија открива застрашувачки последици на неконтролирана тиранија, додека на Блискиот Исток насилствата продолжуваат да предизвикуваат хаос и да одземаат невини животи. Воени злосторства, како намерното напаѓање на цивили, систематско мачење и користење на гладта како оружје, сè повеќе се нормализираат. Овие трагедии претставуваат дел од глобален напад на човековите права, поттикнат од стравот, поделбите и систематското задушување на отпорот.
-Уништувањето на училиштата, болниците и хуманитарните коридори е шокантен доказ за игнорирање на меѓународното право и светоста на животот. Овие злосторства повикуваат не само на осуда, туку и на решителни и координирани напори за носење на сторителите пред лицето на правдата и спречување на понатамошни кршења на правата и слободите, вели Дерала.
Според Мика Бојстер, претседател на германска унија на новинари образованието, медиумската писменост и граѓанското учество остануваат клучни алатки за борба против пропагандата, омразата и екстремизмот.
Повеќе информации за меѓународната конференција „Defending Democracy“ (11-12 декември, Скопје) може да најдете на веб-страницата. За содржини на македонски јазик, кликнете ТУКА.