Американските берзи и вчера беа нестабилни, на крајот од една бурна недела за Волстрит, во која претседателот на САД, Доналд Трамп, прво нагло ги зголеми царините кон целиот свет, а потоа неочекувано ги одложи.
Во меѓувреме, растот на цената на златото, слабеењето на доларот и движењата на другите финансиски пазари укажуваат на нови стравувања, додека трговската војна меѓу САД и Кина продолжува да ескалира.
Клучните берзански индекси во САД и понатаму се во пад, два дена по историскиот скок кој го предизвика Трамповата најава за 90-дневно одложување на најголемиот дел од новите царини.
Во раните утрински часови, индексот S&P 500 беше понизок за 0,4%, Dow Jones изгуби 0,6%, а Nasdaq падна за 0,1%.
Вредностите повторно паднаа и вчера, враќајќи се под нивото од 2 април – денот кога Трамп најави „Ден на ослободување“ и објави кон кого и колку ќе воведе царини. Последните падови веќе избришаа добар дел од растот остварен на 9 април, кога Трамп делумно ја промени својата одлука.
Пазарите сега реагираат од час во час, бидејќи инвеститорите не можат да проценат во кој правец се движи Трамповата стратегија и дали ќе предизвика глобална рецесија.
Како одговор на новото зголемување на царините од страна на САД – до 145% на кинеските производи – Кина денес возврати со сопствено зголемување, подигнувајќи ги царините на американската стока на 125%, без да се смета дополнителното зголемување од 20% кое го воведе пред неколку недели.
Кинеското Министерство за финансии со остра изјава:
„Царините што ги наметнуваат САД се бројки без економска логика. Ќе останат како шега во светската економска историја. Но, доколку САД продолжат со кршење на кинеските интереси, Кина ќе возврати одлучно и ќе се бори до крај.“
И покрај привремениот прекин на царините за остатокот од светот, тензиите меѓу двете најголеми економии би можеле да имаат сериозни последици за глобалната економија.
Цената на златото порасна за над 2%, што е типична реакција на инвеститорите во време на економска неизвесност.
Американскиот долар ослабе во однос на еврото, јенот и канадскиот долар. Падна и вредноста на американските државни обврзници, што предизвика зголемен притисок на пазарите, поскапи хипотекарни кредити и потешкотии за домаќинствата и компаниите.
Ниту рекордните добивки на банки како J.P. Morgan, ниту пониската од очекуваната инфлација не успеаја да ги стабилизираат берзите.
Пазарите ширум светот реагираат различно: во Германија и Јапонија индексите паѓаат, додека во Британија и Хонгконг има раст.
Што е токенизација?
Извршниот директор на BlackRock, Лари Финк, најавува револуционерна промена во светот на финансиите: сите средства – од акции, обврзници до недвижности – би можеле да се тргуваат дигитално преку блокчејн технологија. Овој процес, познат како токенизација, според Финк, целосно ќе го трансформира начинот на инвестирање.
„Секој имот може да биде токенизиран“, напиша Финк во своето годишно писмо до инвеститорите, наведувајќи дека тоа ќе овозможи 24-часовни пазари и трансакции кои се завршуваат за неколку секунди, наместо денови.
Пречката: Дигитална верификација на идентитет
Сепак, постои сериозен предизвик – недостигот на координиран систем за дигитална верификација на идентитет. Во време кога длабоките фејкови и сајбер-криминалците стануваат сè пософистицирани, верификувањето на идентитетот на корисниците онлајн е се потешко.
Кристина Хулка од Secure Technology Alliance објаснува дека индустријата работи на „zero-trust“ рамка каде ништо не се смета за валидно додека не се верификува. Но, проблемот е како да се избере технологија што ќе биде едноставна за потрошувачите и истовремено безбедна.
Успешни примери, но и ризици
Во светот постојат успешни примери на национални дигитални идентитети – Индија (Aadhaar), Естонија, Сингапур и ОАЕ – кои овозможуваат електронски пристап до јавни и приватни услуги. Но, централизираното чување на податоци носи ризик – тие системи стануваат мета на хакери. Во Ел Салвадор, на пример, биле украдени податоци за 80% од населението.
Затоа САД традиционално претпочита децентрализирани системи, како што се Face ID или Fingerprint ID, каде биометриските податоци се чуваат на уредот, а не во централен сервер.
Изградба на национален систем за дигитална верификација би била огромен зафат, според стручњаците. Тоа би барало координација меѓу федералните и државните институции, како и прифаќање од сите компании кои работат онлајн. Дополнителна компликација се комерцијалните интереси – постојат приватни компании кои нудат решенија за верификација и не би сакале централизирано решение кое би им ја загрозило работата.
На Светскиот економски форум во Давос, Финк ја повика Американската комисија за хартии од вредност (SEC) да го забрза процесот на токенизација. Тој смета дека тоа би ги намалило трошоците за сопственост и би ја елиминирало потребата за гласање преку полномошници. Сепак, и самиот признава: „Ако сме сериозни за создавање ефикасен и достапен финансиски систем, токенизацијата сама по себе не е доволна. Мора да ја решиме и дигиталната верификација.“
Иако технолошки решенија постојат, клучната пречка е создавање национален, безбеден и прифатен систем за дигитален идентитет. Сè додека тоа не се реши, токенизацијата на светските финансии останува визија во развој.