Цените на овошјето и зеленчукот се превисоки – Граѓаните имаат пари за да купат само во првите денови од месецот

Цените на сезонското овошје и зелечук на пазарите низ Северна Македонија бележат значителен раст, сигнализирајќи натамошен притисок врз домашниот буџет на граѓаните. На зелените пазари цените на праските и кајсиите достигнаа 400 денари за килограм, додека за килограм лубеница се бараат 200 денари. Домашните цреши се продаваат исто така по цени од 800 до 400 денари за килограм, а јагодите – 200 денари. доматите се продаваат по цени од 100 до 150 денари, додека пак краставиците може да се најдат и за 50 денари. Цената на пиперките варира и се движи меѓу 100 и 150 денари, а од зелените салати најевтина е марулата која се продава за 25 денари парче.

Граѓаните реагираат со воздржаност и револт. „Цените се неприфатливи. Купуваме само кога ќе поевтинат, а понекогаш дури ни не прашуваме за цена“, вели еден купувач на пазарот во Ѓорче Петров.

Продавачите сведочат дека пазарната активност е концентрирана во првите денови од месецот, синхронизирано со исплатата на плати и пензии. „Продажбата трае пет до шест дена. Потоа – стагнација. Луѓето едноставно немаат средства“, истакнува долгогодишен продавач.

Во моментот, поголемиот дел од понуденото овошје е увезено – главно од Турција и Грција. Домашното производство е ограничено, при што единствено јагодите на пазарот се домашни. „Нашите јагоди се поквалитетни и поевтини, но купувачите сепак ги сметаат за скапи“, додава друг продавач.

Овој ценовен скок доаѓа по укинувањето на владините мерки за замрзнување на цените, што дополнително го влоши товарот врз домаќинствата. Инфлациските притисоци, особено кај прехранбените производи, остануваат високи, и покрај официјалните сигнали за стабилизација на макроекономските индикатори.

Зачлени се на нашиот е-билтен