Во октомври, општините во Македонија издале 363 дозволи за градба, што претставува раст од 11% во споредба со истиот период минатата година. Од нив, 216 се за високоградба, 75 за нискоградба, и 72 за реконструкција.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека, и покрај тоа што има голем број непродадени станови, продолжува трендот на раст на дозволите за градба. Во истиот период, предвидена е изградба на 913 нови станови со корисна површина од над 81.000 квадратни метри.
Цените на становите, сепак, не следат економски правила – наместо да се намалуваат поради вишокот на понуда, тие бележат континуиран раст. Во Центар, цените достигнуваат до 3.500 евра по квадратен метар, додека во другите делови на Скопје се движат од 1.000 до 1.800 евра во зависност од локацијата и квалитетот на градбата.
Покрај тоа, податоците од пописот во 2021 година покажуваат дека 37% од становите во земјата, или околу 307.000, се празни. Од нив, речиси 60.000 се наоѓаат во Скопје. Во елитните населби, како Дебар Маало и Водно, голем број новоизградени станови остануваат празни, што упатува на инвестициски вложувања, наместо реална побарувачка за домување.
Експертите наведуваат дека цените на становите се под влијание на неколку фактори: раст на трошоците за градежни материјали, недостаток од работна рака, високи комунални давачки и практиката на перење пари преку купување недвижнини. Според Светска банка, во сивата економија во Македонија циркулираат помеѓу 700 и 800 милиони евра, од кои значителен дел се инвестираат во недвижнини.
И покрај тоа што просечно се градат околу 5.000 станови годишно, цените продолжуваат да растат. Познавачите на пазарот очекуваат цените да останат високи, со можност за стабилизација во текот на 2025 година.