Цените растат, народот купува: статистиката открива парадокс во потрошувачката

И покрај рекордно високите цени и инфлацијата, македонските граѓани продолжуваат да трошат сè повеќе во трговијата на мало. Последните податоци за мај годинава откриваат интересен и загрижувачки тренд: прометот во трговијата на мало е зголемен, но зад бројките се крие горчлива реалност.

Во трговија на мало во мај оваа година, во споредба со мај минатата година, гледано по групи и класи, стапката на прометот во групата Трговија на мало со непрехранбени продукти, освен гориво е зголемена за 5.1 проценти.

Според податоците, прометот во групата „Трговија на мало со непрехранбени продукти, освен гориво“ бележи раст од 8,9% номинално, додека реалниот раст е 5,1%. Кај храната, пијалаците и тутунот, номиналното зголемување изнесува 5,5%, но реално, всушност, бележи пад од 0,5%. Тоа значи дека граѓаните плаќаат повеќе за истите или дури помали количини на производи.

Овој парадоксален пораст на прометот ја разоткрива вистинската слика: цените растат толку брзо што потрошувачите, и покрај намалувањето на реалната куповна моќ, сепак трошат повеќе пари за основните намирници и производи. Психолошкиот ефект од високите цени ги турка луѓето кон панично трошење и дополнителни набавки, во обид да се заштитат од идни поскапувања.

Властите често се фалат со „раст на прометот“ како показател за економска виталност, но ваквите бројки се далеку од вистински економски успех. Зад нив стои осиромашен граѓанин кој едвај врзува крај со крај, додека трговските синџири профитираат на сметка на стравот и несигурноста.

Прашањето е колку долго ќе може народот да издржи да „купува повеќе“, кога веќе купува помалку? И уште поважно — кој ќе ја понесе одговорноста за оваа илузија на економски просперитет?

Зачлени се на нашиот е-билтен