Цензурата не помага, во борбата против странските влијанија е неопходна системска отпорност

влијанија

За пробивот на малициозните информации од странство во медиумите во Македонија придонесуваат серија институционални ризик-фактори и системски слабости, а мерките за превенција не треба да бидат во насока на воведување цензура, туку кон зајакнување на независноста на медиумите и имплементација на европските закони.

Ова беше заклучокот од панел-дискусијата „Од инциденти до системски ризици: надворешните влијанија како тест за медиумска отпорност“, организирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС). На настанот беше презентиран и Документот за јавни политики „Медиумскиот екосистем и странското мешање и манипулирање со информации (СММИ)“.

СММИ не е само „една објава“, туку организирана операција

Авторите на документот за јавни политики „Медиумскиот екосистем и странското мешање и манипулирање со информации“, вон. проф. д-р Марина Тунева и д-р Драган Секуловски, ги презентираа клучните поенти и препораки од публикацијата којaшто се заснова на европскиот модел на т.н. матрица на изложеност (FIMI Exposure Matrix).

Според Секуловски, СММИ не е објава само на еден политичар или прилог на една ТВ, туку се работи за „координирани и организирани активности на повеќе платформи, а целта е државата или одредена организација да се покаже како некомпетентна или дека нема капацитет за превенција и одговор“. Клучни правни празнини што овозможуваат присуство на СММИ се делумната нетранспарентност на онлајн медиумите, посебно за време на избори. Недостасува „меко управување“ со државно усогласени канали, нема протоколи за координација и размена на информации меѓу клучните актери, а тука се и ограничените капацитети за континуирано следење и докази базирани на СММИ.

Професорката Тунева ги предочи петте стратегиски столбови за превенција и справување со СММИ во медиумската сфера: јакнење на улогата на јавниот сервис преку мерки што реално ја штитат независноста и отчетноста, зголемување на транспарентноста во медиумскиот сектор и кај државните органи, вградување јасна дефиниција и пристап за СММИ во клучните национални политики и стратегии, како и да се поттикне мултисекторска соработка меѓу медиумите, безбедносниот сектор, граѓанското општество и да се воспостави интегриран систем. „Притоа, целта не е да се воведе цензура, туку да се воспостави системска отпорност преку усогласување со европските закони и јакнење на независноста и транспарентноста на медиумите“, рече професорката Тунева.

Буџетски пари за медиуми без критериуми

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), д-р Зоран Трајчевски, го посочи државното финансирање на партиските кампањи и префрлувањата огромни средства од Буџетот на интернет-порталите кои се појавуваат непосредно пред избори, а исчезнуваат една недела по завршувањето на изборниот процес.

„Ваква пракса не постои никаде во светот. Кај нас се пријавуваат портали кои се регистрирани во Албанија, Косово, Србија и кои воопшто немаат содржини од информативен карактер. Нека се обидат наши новинари да добијат пари во Србија или во Бугарија – таму сега ќе има избори. Никаде нема да добијат. Во 2024 се доделија 10 милиони евра буџетски пари на телевизии, радија и портали без критериуми. Средства добија и медиуми кои имаат минорна читаност“, рече Трајчевски.

Директорот на АВМУ зборуваше и за причините поради кои и инфлуенсерите и порталите одбиваат да се регистрираат и нагласи дека „целата борба е да не доставуваат извештаи од каде им доаѓаат средствата за нивно финансирање и кои се нивните донатори“. Според Трајчевски, треба да се укине платеното политичко рекламирање, а да се формира фонд за поддршка на медиумите.

Искуства од прва линија: Кибернапади и дигитална солидарност

Жана Божиновска, одговорна уредничка на „Слободен печат“, го сподели лошото искуство со хакерски напад врз социјални мрежи на редакцијата, при што изостанала поддршката и од платформите и од институциите. Таа повика на новинарска солидарност и придржување до стандардите како најдобра заштита.

„Повеќе медиуми кубурат со средства за да можат да вложат во заштита од дигитални напади“, нагласи Божиновска. Таа апелираше дека ова е искуство кое бара нови вештини и повисоко ниво на дигитална хигиена кај новинарите за да умеат да идентификуваат вакви напади.

Тања Милановска Најдовскираководителка на Секторот за кибербезбедност во Министерството за дигитална трансформација предупреди дека нападите врз медиумите не се обични ИТ-инциденти, туку имаат потенцијал да ги поткопаат демократските процеси.

„Вложувањето во дигиталниот сектор не значи вложување само во техники, туку во стабилноста и демократското општество и зголемување на довербата на јавноста во институциите“, рече Милановска Најдовска. Таа потсети дека новиот Закон за кибербезбедност, кој стапи на сила во јануари годинава, веќе предвидува механизми за заедничка заштита и експертска поддршка за јакнење на дигиталната отпорност на медиумите. Предвидени се и обуки за различни целни групи, па може да се организираат и специјализирани обуки и за новинарите.

На конференцијата присуствуваа претставници од повеќе владини институции, вклучувајќи ги и членовите на меѓуресорската работна група за справување со СММИ, граѓански организации, претставници на странските амбасади и медиуми.

Денешната панел-дискусија е во рамки на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен