Црвен крст досега собрал приближно 700.000 евра донации

Црвениот крст на Република Северна Македонија во текот на вчерашниот ден беше активно вклучен во организацијата на погребите на трагично загинатите во пожарот во Кочани. Ангажирани беа вкупно 165 волонтери, кои формираа тимови за прва помош и психолошка поддршка, поставуваа пунктови и пружаа логистичка поддршка на сите места каде се извршени погребите. Обезбедена беше погребална опрема и транспорт за починатите.

-Црвениот крст на РСМ активно комуницира со партнерските национални друштва од земјите каде се хоспитализирани повредените лица од пожарот, обезбедувајќи поддршка за семејствата на повредените. Специјална поддршка се обезбедува од страна на организациите на Црвен крст на Србија, Бугарија, Словенија и Грција.

Изразуваме голема благодарност до сите кои досега донираа. Ви информираме дека сме во фаза на подготовка за првична исплата на собраните средства кои ќе бидат наменети за најитните потреби на настраданите од пожарот во Кочани.

До сега се собрани 43.149.360,00 денари (приближно 700.000 евра). Ве повикуваме сите да продолжиме со солидарноста и хуманоста за помош на настраданите од пожарот во Кочани, велат од Црвениот крст.

Зачлени се на нашиот е-билтен