Во приватна нива во близина на фабриката „Еко Флор Плус“ во тетовското село Боговиње се пронајдени неколку рачни бомби, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
На терен веднаш излегле полициски службеници од ПС Камењане, а за случајот била известена и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Тетово. По консултација со надлежните институции, одлучено е отстранувањето на експлозивните средства да го извршат специјализирани тимови од Куманово.
Поради стемнување, интервенцијата е одложена за денеска. Просторот е обезбеден и под надзор на локалната полиција додека не се изврши безбедно отстранување на бомбите.
Во меѓувреме, Регионалниот центар за управување со кризи Битола соопшти дека пиротехничар од ДЗС вчера, на 13 април, безбедно отстранил авионска бомба со калибар 154 милиметри, од американско производство и потекло од Првата светска војна. Бомбата била пронајдена и подигната околу 11:45 часот во селото Армаруш, Општина Новаци.