ЦУК: Во следните денови можни се нови излевања на реките и снежни наноси на планинските превои

Во моментов состојбата со врнежите од дожд кои ја зафатија државата е стабилна, информира Центарот за упраување до кризи.

„Согласно информациите од УХМР, се очекува зголемување на водостојот во горниот дел од сливот на реката Вардар, во сливот на реката Треска, реката Радика, реката Сатеска, во сливот на реката Коселска, како и на водотеците во ОхридскоПреспанскиот регион. Зголемување на водостојот се очекува и на реката Лепенец, на водотеците и суводолиците кои доаѓаат од Шар Планина, како и во сливот на реките Пчиња и Струмица.

Поради високото ниво на подземни води, на одредени места е можна нивна интеракција со површинските води и појава на заезерување. Апелираме на претпазливо движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден. Центарот за управување со кризи побара од единиците на локалната самоуправа да ги задолжат јавните претпријатија да ги проверат сите критични локации на кои е можно излевање или поплавување на реките, по најавите за нови врнежи од дожд и снег.“ соопштуваат од таму.

Од ЦУК алармираат за можни обилни снежни врнежи, и посебен апел до возачите, но и до жителите на повисоките планински места.

„Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните да патуваат внимателно во следните денови, и тоа само доколку е неопходно, со доволно гориво во резервоарите и со соодветна зимска опрема, особено на повисоките места и планинските превои. Можно е да се формираат навеви од снег и одредени патни правци во одредени периоди да бидат непроодни. Потсетуваме дека лицата кои живеат на повисоки места треба навремено да се снабдат со основни намирници (храна и лекови)“ стои во соопштението на ЦУК.

Во случај на опасност или потреба, граѓаните може да се јават на бесплатниот телефонски број за итни повици – 112 во ЦУК.

Зачлени се на нашиот е-билтен