Цветковиќ во „Што има ново?“: Патриотска должност е да го одзаробиме образованието

Во шорткастот „Што има ново?“ на ИМА со Петрит Сарачини, гостин е Ирена Цветковиќ, доктор по родови студии и истакната активистка за родова еднаквост. Тие разговараа за измените на Законот за основно образование и Законот за учебници со кои се бришат темите за сексуално и репродуктивно здравје и родовата еднаквост, со што, според експертите и граѓанските организации, се озаконува дискриминацијата и насилството во образованието.

Според Цветковиќ, се соочуваме со уназадување на родовата еднаквост, но и со продолжување на систематското уназадување на образованието. Таа посочи дека отпорот кон родовата еднаквост во образованието е голем, затоа што тоа е тема која е веќе наталожена со дезинформации и негативни чувства, а законските измени не се проблематични само за родовата еднаквост, туку и за сексуалното образование, како и за лицата со попреченост.

Таа се осврна и на недостигот на реакција од претседателката Сиљановска-Давкова на барањата од Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација да не ги потпише указите за овие измени.

„Ние сме веќе навикнати да политичарите се едно кога се во опозиција, а сосема друго кога се на власт. Јас лично не сум зачудена. Не ме шокира нејзиниот молк. Ќе го одмолчи и последниот, третиот закон којшто е донесен сега, пред некој ден…за средно образование. Ќе го премолчи, затоа што…кога сте во опозиција, вие сте полни со разбирање, ветување и вашиот светоглед и вашиот вредносен систем го практицирате, но, кога ќе дојдете на власт, вие исполнувате туѓи желби“, смета Цветковиќ.

Таа ги коментираше и последните изјави на премиерот Мицкоски за напуштање на родовата политика од минатата влада и водење на „јасна полова политика“.

„Мене ми е малку срам…на еден возрасен човек, којшто притоа е премиер на една држава да му објаснувам дека е апсурдно да се зборува за полова еднаквост…Навистина, ова не се комплицирани концепти. Знаете што е пол. Зарем мажите и жените имаат еднакви полови органи?! Мислам, ме разбирате колку е небулозна, не може да постои политика на полова еднаквост…Јас стварно не знам дали ова доаѓа од незнаење, веројатно доаѓа и од незнаење, но и од неснаоѓање во оваа некоја нова за него идеолошка битка…Родот, којшто тие го избегнуваат како концепт, е всушност една аналитичка категорија којашто на нас, но и на учениците во образование ќе им овозможи да мислат за нееднаквостите коишто не се поврзани со нашите тела. Нашите тела не се исти и не се еднакви, нормално. Меѓутоа, нашето учество во овој свет, нашето учество во ова општество е и тоа како обоено со одредени родови очекувања, норми, однесувања итн.“, истакна Цветковиќ.

Во однос на радикалните групи, кои под превезот на заштита на правата на децата секојдневно промовираат дискриминација, омраза и насилство на социјалните мрежи, Цветковиќ смета дека Министерството за образование и наука е водено од нив, и затоа е потребно образованието да се одзароби од оваа состојба.

„..Во овој момент, јас не мислам дека Министерството за образование и наука го води ниту оваа влада, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту го води министерката Јаневска. Во овој момент Министерството за образование и наука го водат четири пет ликови со име и презиме, а тоа е Гордана Гоџо, Златко Бучковски, Љупчо Ристевски од Евангелската црква и Аргрита Атева, нашинка од Австралија…Како стигнаа овие неколкумина луѓе, со поддршка на одредена една фракција од Македонската православна црква заедно со Евангелската, да станат и посилни и од партијата којашто е на власт, е прашање со коешто ќе треба да се бават безбедносните структури тука. Она што е проблематично е што овие четворица – петорица луѓе коишто ја формираа таа Коалиција за заштита на децата се луѓе од партијата „Десна“, на Палчо, коишто заедно со Палчо седат на свои подкасти и зборуваат за заштита на децата. Оттука станува збор и за многу проблематични групи по однос на демократијата, но јас би рекла и криминални групи. Па во таа смисла, патриотска должност на секој граѓанин на оваа земја е да го одзароби министерството, да ја одзароби власта, да го одзароби образованието“, заклучува Цветковиќ.

Во разговорот, Цветковиќ и Сарачини се осврнуваат и на засилувањето на крајно десничарските, авторитарни и недемократски тенденции секаде во светот. Според Цветковиќ, ова е последица на тоа што левицата стана мрзлива и е вљубена во капиталот, и не наоѓа страст да излезе од стратегиите што ги научила од востановениот систем чијшто крај веќе го гледаме.  Цветковиќ смета дека во левицата е потребно да се врати страста и да се замислуваат нови политички хоризонти, стратегии, форми и нови коалиции, а не постојано да се продуцираат реакции, што и овозможува на радикалната десница да ја води дискусијата. Во таа смисла, потребно е враќање на идејата за човекови права и еднаквост но никако без класна еднаквост, и ставање на едно место на сите форми на опресија и замислување на излез од нив, а не фрагментирање на борбата.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Што има ново?“.

Зачлени се на нашиот е-билтен