Антимикробна резистентност сè повеќе зема замав кај нас, во Европа и во светот, па се смета дека до 2030 година, таа може да е главна причина за смрт на светско ниво. Затоа, неопходно е рационално користење на антибиотици, за да не дава шанса да се создава отпорност на антибиотици. На оваа тема, поврзана со злоупотребата на антибиотици кај нас, за лесната достапност до овие лекови, за последиците кои може да настанат ако антибиотик не се зема правилно и пропишано од лекар, зборуваме со д-р Дугаѓин Османи, националниот кординатор за антимикробна резистенција од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Неодамна, по повод одбележувањето на неделата за свесност за антибиотици, зборувавте за важноста на рационалната употреба на овие лекови. Што претставува злоупотреба на антибиотици?
Злоупотреба на антибиотик е кога антибиотикот се зема на своја рака. Пациентот едноставно заклучува дека е болен и дека треба да земе антибиотик, мислејќи дека така ќе си помогне. Но треба да појде на лекар, кој ќе направи проценка, дали се работи за инфекција врз основа на микробиолошка анализа, а потоа и проверка на чувствителност на таа бактерија на одреден антибиотик, па дури потоа истиот се користи. Треба да се најде вистинскиот антибиотик кој би се земал во одреден временски период и во точно дефинирана доза. Само ова е рационално користење на антибиотик. Сè друго спаѓа во злоупотреба.
Дали кај нас постои контрола, систем кој евидентира и следи колку се користат антибиотици, а ако немаме, колку ни е неопходен еден таков механизам на контрола?
Во Македонија има повеќе анализи кои покажуваат колку се трошат антимикробни средства. ФЗО има посебен оддел кој се бави со контрола на потрошувачка на лекови, но за жал, немаме сеопфатен систем кој ги опфаќа потрошувачката и во болничка и во вонболничка средина. Немаме евиденција на антибиотиците кои се продаваат или препишуваат. Во светски рамки СЗО има дадено начин како се калкулра потрошувачката, а тоа се вика дневни дози за 100.000 жители. Според некои студии, потрошувачката на антибиотици во Македонија е на високо ниво споредено со ЕУ. Треба во болничките установи треба да има комитет сочинет од експерти – клинички доктор, фармаколог, микробиолог, кои би правеле таргет на антибиотици кои треба да се употребат при различни дијагнози. Треба да се изготват водичи за рационална употреба на антибиотици. СЗО има листа на класификација, според која би требало во примарна здравствена заштита да се употребуваат, на пример, пеницилини, кои имаат тесен спекар, но не даваат можност да се создаде антимикробна резистенција.
Кога доаѓа до резистенција односно што доведува до тоа и дали бројот на антимикробна резинстенстност е во пораст?
За тоа има повеќе чинители. Со рационална употреба, антиботикот е добро оружје за да се излечи конкретна бактериска инфекција. Но, лекот треба да се дава правовремено, со времетраење и со точно утврдени дози. Терминот антимикробна резистентност сè повеќе зема замав кај нас, во Европа и во светот. Се смета дека таа може да е главна причина за смрт на светско ниво до 2030 година, оти резистентните соеви сè повеќе се множат, во секојдневието ги наоѓаме се повеќе и повеќе. Како се станува резистентност? Што повеќе се даваат антибиотици, толку повеќе се множат и резистентните соеви. Бактериите сакаат да живеат и наоѓаат механизми на одбрана, имаат гени за резистентност, кои им овозможуваат да се справат кога се во средина која за нив е нелагодна, односно во средина кога има антибиотик. Гените се тие кои им овозможуваат да преживеат, па така, стануваат резистентни кон еден антибиотик, па кон друг.
Дали во западните земји има проблем со злоупотреба на антибиотици?
Имаше студија во која беа опфатени сите земји, а во која имаше добро дизајнирани прашања. Македонија има потрошувачка на антибиотици која е над просекот во ЕУ, а и во други студии каде се гледа голема потрошувачка на антибиотици. Има земји каде воопшто не е возможна злоупотреба, таму се контролира до последна таблета, а такви се на пример Финска, Норвешка, Шведска, каде што има многу мала употреба на антибиотици, а со тоа, нели, и мала резистентност. Во една популација, ако една бактерија има ген за резистенција, сите бактерии кои можат да го примат генетскиот материјал, ќе имаат механизам да се справат со антибиотик.
Колку е опасно давањето антботици на деца, без да се однесат на лекар за да им се утврди наод?
Најчести инфекции кај деца се горно респираторни. 80 отсто од инфекциите кај нив, се со вирусно потекло, а таму антибиотик не помага и нема никакво влијание. Во таков случај организмот сам си ја врши работата и оздравува и затоа не треба да се посега по антибиотик. Луѓето имаат навика и дома да чуваат антибиотик. Често се случува и да не се земе дозата седум дена, туку само два, откако на пациентот ќе му стане подобро. Тоа не треба да е така, оти во такви случаи, некои бактерии преживуваат, а најчесто тоа се најјаките бактерии. Мора да се оди со правилна доза и пропишан број на денови, за да се убијат сите бактерии и да не им се дава шанса да стекнат резистентност.
Зошто не треба да своја рака да се зема антибиотик?
Дефинитивно треба да се слуша лекар, тој цени кога треба да се употреби и кога не треба да се употреби. Во спротивно антибиотикот нема да му помогне на пациентот, но ќе помогне да се создадат резистентни соеви, а тоа ќе доведе до време кога само ќе го гледаме пациентот, а ние буквално нема да можеме со ништо да му помогнеме.
Со д-р Дугаѓин Османи разговараше Антонија Поповска за Мета.мк