Кризата со несобраниот отпад во Скопје веќе не е само прашање на хигиена и естетика, туку сериозен здравствен ризик, предупредуваат експертите. Преполните контејнери и расфрланиот отпад на улиците создадоа идеални услови за размножување на глуци и стаорци, пренесува Телма.
Познатиот микробиолог д-р Никола Пановски предупредува дека доколку институциите не реагираат итно, градот се соочува со потенцијална епидемиолошка катастрофа.
„Ова што го гледаме е невидено. Такви сцени имало во 16. и 17. век, кога не можело да се собере ѓубрето. Единствена среќа е што времето е релативно ладно. Да беше 37 степени, ќе имавме совршени услови за развој на бактерии, муви и зарази,“ изјави Пановски.
Епидемиолошки ризик и навлегување на глодари во домовите
Пановски објаснува дека глодарите лесно ќе се пробијат во домовите ако отпадот не се отстрани наскоро – особено во деловите од градот каде што има повеќе неурбанизирани површини и остатоци од храна.
„Ако се чека до втор круг избори и административни одлуки, до 10 ноември може да дојде до вистинска наезда. За само еден месец популацијата на стаорци може да достигне 10.000 единки. Сега имаат храна и услови за живот, но ако потоа ѓубрето се исчисти, тие ќе влегуваат по станови, кујни и шпајзови барајќи храна,“ предупреди микробиологот.
Во контекст на растечката здравствена закана во Скопје, инцидентот со 10-годишното дете каснато од глушец во Капиштец дополнително ја потврдува сериозноста на ситуацијата. Настанот се случил среде детско игралиште, каде што детето било нападнато додека си играло со врсници, и завршило со раскрвавена рака. Случајот предизвика вознемиреност кај жителите на населбата, кои со недели алармираат за расфрлано ѓубре, неподнослива нечистотија и појава на глодари во близина на јавни површини. Овој настан, велат експертите, е директна последица на колапсот на системот за јавна хигиена во градот и потсетник дека проблемот веќе го загрозува здравјето на најмладите.
Апел за итна акција
Лекарите упатуваат итен повик до надлежните институции да започнат со чистење на градот без одложување.
Откажувањето или пролонгирањето на реакцијата, велат, може да предизвика вистинска здравствена криза, со зголемен ризик од заразни болести и контаминација на јавните простори.
„Ако не се реагира сега, Скопје ќе се најде во состојба што ќе биде многу потешко да се контролира,“ предупредуваат експертите.