Здравствените работници апелираат на претпазливост и одговорност за време на новогодишните и божикните празници, со препораки за умерена консумација на алкохол, редовна терапија за хронично болните и избегнување на пиротехнички средства и оружје.
„Важно е хронично болните редовно да ја земаат својата терапија, а алкохолот да се консумира умерено, за да се избегнат алкохолни труења, тепачки или сообраќајни незгоди,“ советуваат од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје.
Посебен апел упатуваат до младите и малолетните лица, истакнувајќи дека тие имаат ниска толеранција кон алкохолот. Пиротехничките средства и огнострелното оружје треба целосно да се избегнуваат за да се спречат повреди, изгореници или други несакани последици.
Службата за итна медицинска помош со домашно лекување ќе биде достапна 24 часа за време на празниците. На новогодишната ноќ (31 декември 2024), дежурни ординации ќе работат во трета смена во поликлиниките: Јане Сандански, Чаир, Ченто, Шуто Оризари, Ѓорче Петров, Драчево и Бит Пазар. Единицата за домашна посета ќе функционира со редовно работно време.
„Очекуваме сите граѓани да ги почитуваат овие препораки, за празниците да ги поминеме во радост и добро расположение. Во итни случаи, повикајте Итна медицинска помош,“ апелираат од Здравствен дом – Скопје, честитајќи ги празниците.