Кога дипломат во проштална порака ќе протне една реченица за „обезбедени физибилити студии“ што „ја олеснуваат разработката на ретки минерални ресурси“, тоа обично се чита како пристојна формула за економска соработка. Но во 2026 година, кога „критичните минерали“ станаа валута на геополитика, секој ваков збор тежи повеќе од куртоазија. Особено во земја што самата за себе почна да зборува како за „трезор“ – со наратив дека под неа лежат седум ретки минерали, а интерес покажуваат САД и други центри на моќ.
Истражуваше: Леон БАКРАЧЕСКИ
Токму тука, во сенката на Кожуф и Мариово, стои Алшар – рудно наоѓалиште кое со децении ја храни македонската научна имагинација, а во одредени моменти и ја вознемирува јавноста со приказни за „тајни“, „тунели“, „странски интереси“ и магични минерали. Алшар не е само уште една рударска точка на картата. Тој е атипичен спој на злато, антимон, арсен и талиум, со минерал што го има во малку места во светот – лорандитот – и со научна приказна што звучи како научна фантастика, а всушност е строга нуклеарна физика.
Алшар географски е далеку од политичките центри, но симболички е блиску до големите игри. Најмалку затоа што во истиот простор се преклопуваат три работи што обично не одат заедно: потенцијал за критични суровини, висока еколошка осетливост и научен капитал што не се мери во тони, туку во знаење.

Алшар: рудник со долга меморија и токсичен профил
Алшар се наоѓа во јужниот дел на државата, во атарот на Мариово, на потегот кон Кожуф, релативно блиску до Кавадарци. Историски, рударството таму не почнува „вчера“. Во пишуваните извори, рудникот се споменува уште во османлиските дефтери од 1481 година, во контекст на приходи од арсенова руда – што значи дека експлоатацијата е дел од економијата на регионот со векови. Подоцна, во XIX век, Алшар добива концесиски лик: се споменува англиско-француска компанија со седиште во Солун, како и рударска населба „Мајдан“ што се развива со ритамот на ископот.
Името „Алшар/Алшар“ (во меѓународната литература често „Allchar/Allchar“) само по себе е сведоштво за таа концесиска историја: се поврзува со името на концесионерот (Allatini) и инженерот што работел во рудникот (Charteau).
Во XX век, интересот се движи во бранови – од антимон и арсен, до талиум и злато. Денес, научната литература го опишува Алшар како наоѓалиште со значајни концентрации на талиум, економски релевантни количества антимон и арсен и карактеристики што потсетуваат на „карлински тип“ златна минерализација, позната од западниот дел на САД.
Во истата реченица, меѓутоа, мора да стои и другиот дел: арсенот и талиумот не се „обични“ метали. Тоа се елементи со висок токсиколошки ризик и со реална цена ако се отвори рудник без строги стандарди.
Затоа секоја приказна за „разработка“ не може да се води како ПР за инвестиции, туку како прашање на здравје, вода, почва и доверба во институциите.
Лорандитот: македонски минерал со глобален импакт
Лорандитот е минерал со формула TlAsS₂, првпат опишан токму во Алшар во 1894 година и именуван по унгарскиот физичар Лоранд Етвеш.
Неговата реткост не е апсолутна – мали количества се наоѓаат и во други земји – но Алшар останува најбогатата локација во светот за лорандит.
Зошто тоа е важно? Затоа што во 1970-тите се појавува идеја што Алшар го вади од локална геологија и го става во космичка лабораторија: лорандитот би можел да биде „геохемиски дозиметар“ за соларни неутрина. Преведено да разбереме: минералот, во себе, во долг временски период може да „собира“ трага од честички што доаѓаат од Сонцето.
Ако таа трага се измери прецизно, може да се добие проценка на соларниот неутрински флукс за милиони години наназад – нешто што класичните детектори во лаборатории не можат да го дадат на ист начин. Односно да знаеме како сонцето во нашиот соларен систем функционирало милиони години наназад и да ни даде податок што може да не очекува.

На таа идеја се надоврзува и проектот ЛОРЕКС (LOREX) – комплексна, интердисциплинарна програма што бара геологија, хемија и нуклеарна физика во ист тим.
Практичниот проблем, сепак, е во „шумот“: истата изотопска трага што ја бараш од неутрина може делумно да настане и од други извори (космичко зрачење, ерозија, покривање/откривање на слоевите). Затоа Алшар е и научен предизвик, не само научна можност.
Во плановите на истражувачите се споменува и повторно отворање на подземни простории (тунели и поткопи), земање доволни количества лорандит и когенетски минерали, како и финално збогатување и сепарација – последна фаза за да може ЛОРЕКС да се затвори со резултат.
Економија, но и терминолошка магла: „ретки земји“ не се исто што и „ретки минерали“
Тука доаѓаме до суштинската дилема во домашниот јавен дискурс: кога се зборува за „ретки минерали“, често се мешаат три различни категории.
Прво, „ретки земји“ (rare earth elements) – група елементи како неодимиум, диспрозиум и други, клучни за магнети, батерии и зелена технологија, она по што трага цела планета за да развива нови технологии.
Второ, „критични минерали“ – поширока политичко-економска категорија што ја дефинираат ЕУ и САД според ризик во снабдување и стратешка важност (тука може да влезат антимон, кобалт, никел, бакар и многу други).
И трето, „ретки минерали“ во геолошка смисла – минералошки раритети што се интересни научно, но не мора да се индустриски и економски важни.
Алшар, реално, се врзува најмногу со антимон (кој ЕУ го третира како критична суровина), со талиум (редок и токсичен метал) и со златна минерализација од специфичен тип.

Не е очигледно дека Алшар е приказна за „ретки земји“ во тесна смисла. Па токму затоа, реченицата од амбасадорката – формулирана како „rare earth mineral resources“ – отвора непријатно, но нужно прашање: дали се мисли на конкретен проект и конкретна локација, или на општа дипломатска реторика што во јавноста ќе биде прочитана како сигнал за „нешто големо“?
Во истиот контекст, ресорните институции веќе порачаа дека во моментов нема „конкретна физибилити студија“ за критични минерали, а се најавуваат законски решенија што би дефинирале листа на критични минерали. Тоа значи дека јавноста слуша за „физибилити студии“ од дипломат, а слуша „нема конкретни“ од државата – и добива уште една класична македонска комбинација: многу возбуда, малку документи.
Зошто САД и светските сили „влечат“ кон критични минерали, и каде тука е Македонија
Причината е едноставна: критичните минерали станаа инфраструктура на XXI век. Енергетската транзиција, дигиталната економија и одбранбените индустрии зависат од метали и минерали што се концентрирани во мал број земји или во мал број процесни капацитети.
Затоа во последните години гледаме „ре-мапирање“ на синџирите на снабдување, договори со „пријателски“ држави, и агресивна дипломатија околу рудници и преработка.
Ова не е само американска приказна. ЕУ ја турка сопствената регулаторна рамка за критични суровини; Кина ја држи доминацијата во дел од преработувачките фази; други актери бараат позиции преку инвестиции и концесии.
САД, пак, отворено зборуваат за обезбедување критични минерали преку партнерства и договори, вклучително и преговарања за увоз и преработени критични минерали, посебо со интересот на Трамп кон Гренланд.
Во таков свет, Балканот повторно станува интересен – не поради романтика, туку поради географија, ресурси и политичка пропустливост.
Тука е и македонската ранливост: институционален капацитет што често доцни зад интересите, законска рамка што се менува „кога ќе притиснат“, и јавност што добива фрагментирани информации. Во таков амбиент, секој сигнал – па и еден дипломатски пасус – лесно се претвора во теорија, спин или тивка подготовка за одлуки што ќе ги дознаеме дури кога ќе биде доцна.
Легенди, митови и „малите Сонца“: како мистиката го покрива недостатокот од транспарентност
Алшар со години живее во двоен живот. Едниот е научен, документиран и прилично комплициран. Другиот е митолошки. Интернетот, како што забележуваат и самите автори во стручна публикација, е преплавен со „мистерии“ и „недоречености“ за Алшар и лорандитот – од приказни за „сончев камен“ и генерација на огромна енергија, до романтизирани легенди за заслепување непријатели со одблесоци од штитови. Таквите наративи имаат шарм, но имаат и функција: кога државата не зборува јасно, мистиката станува замена за информација.
Парадоксално, токму сериозната наука за Сонцето (неутрината) е доволно фасцинантна сама по себе. Но таа бара време, податоци и институции. Легендите бараат само кликови.
Алшар како тест за државата: што мора да биде јавно пред да биде „стратешко“
Ако Алшар навистина е дел од некаков пакет што се нарекува „ретки/критични минерали“, тогаш ова не е прашање само за рударство. Ова е тест за јавниот интерес.
Прво, мора да се разјасни што точно се подразбира под „физибилити студии“: дали се работи за научни студии (како ЛОРЕКС), за економски проценки за експлоатација, или за пред-физибилити мапирање.
Второ, мора да се разграничи за кои минерали и кои локации станува збор. Алшар има талиум и антимон, но „ретки земји“ е друга приказна. Вешта терминологија не смее да стане алатка за политичка магла.
Трето, мора да се признае еколошката осетливост на регионот: Алшар не е празна површина, туку простор со документирани локални ендеми и специфична геохемија поврзана со арсен и антимон. Дури и без активен рудник, тамошната почва и отпадишта се предмет на современи студии. Ако некогаш повторно се влезе со тешка механизација, ќе се влезе во систем што е истовремено и рудно тело и биолошка лабораторија.

И четврто, мора да се отвори прашањето за геополитичкото посредување: дали Македонија ќе влезе во глобалниот „критичен“ синџир како добавувач на суровина, или ќе постави услови за знаење, преработка, стандарди и јавна контрола. Бидејќи во спротивно, ќе добиеме уште една рударска приказна со висока цена и ниска доверба.
Во меѓувреме, насловот останува како јавно прашање, не како инсинуација: дали амбасадорката знае нешто што ние не знаеме – или ние едноставно не знаеме затоа што државата не кажува доволно?
Извори: Racin.mk; МИА; МАНУ; Универзитет „Гоце Делчев“ – е-принтс; Springer (ChemTexts); Белата куќа; Меѓународна агенција за енергија (IEA); USGS; ATSDR