Дали Коцевски пред разрешување му праќа поздрави на Мицкоски?

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вчера во рамките на истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ уапси 13 полицајци и високи службеници вработени во ОВР Кочани.

Меѓу уапсените покрај полицајци кои кобната вечер биле на должност, уапсени се и началници и сменоводителите во кочанската полиција.

Апсењата и проширувањето на истрагата доаѓаат неколку денови откако беше уапсен а потоа и притворен Александар Нацев, тајниот сопственик на агенцијата „Рубикон“ која го обезбедувала диското.

Нацев важи за близок до ВМРО-ДПМНЕ, неколку пати излегувал од партиска говорница да држи прес-конференции, додека голем дел од уапсените полициски службеници важат за личен избор на министерот Панче Тошковски.

За денес најавена е презентација на јавнообвинителскиот акт за пожарот во „Пулс“ а забрзувањето на процесите укажуваат дека можеби сето ова се сигнали кои државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски ги испраќа директно до премиерот Христијан Мицкоски.

Имено, во јавноста се погласни се информациите дека Мицкоски планира да продолжи со постапката за разрешување на Коцевски.

За потсетување, таа постапка беше започната кон почетокот на годината, одлуката дури помина и на владина седница, но поради сензитивниот момент со пожарот во кој настрадаа 62 лица, Мицкоски реши да ја стопира целата постапка.

Денес, скоро три месеци по пожарот, Мицкоски повторно ја враќа темата за разрешување на јавниот обвинител, па оттаму може да се заклучи дека Коцевски во последниот негов случај решава слободно и без притисоци да го расчисти овој случај, опфаќајки и соработници на премиерот и министерот за внатрешни работи, за кои јавноста одамна зборува дека се посредно или непосредно одговорни за трагедијата во Кочани.

Зачлени се на нашиот е-билтен