Дали патувањето во Дубаи е реалност за македонските граѓани?

Пред неколку дена, премиерот Христијан Мицкоски најави дека Северна Македонија ќе го укине визниот режим за Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), што предизвика бројни реакции. Оптимизмот беше висок, а многумина се надеваа дека ова ќе отвори нови можности за патување и комуникација. Но, кога ќе се погледне од економска перспектива, оваа вест не значи ништо за поголемиот дел од населението.

Северна Македонија останува една од земјите со најниски плати во регионот. Со минималната плата од 24.500 денари (приближно 380 евра) месечно, многу семејства се борат да ги покријат основните трошоци, а патување во некоја ексклузивна дестинација како Дубаи изгледа како далечен сон. Примерот со пар од двајца возрасни, којшто заработува минимална плата, покажува дека реалноста не е на нивна страна.

Дури и ако визите се укинати, тоа не го прави патувањето во Дубаи пристапно за многу граѓани. Прво, цената на туристичка виза за Дубаи за македонски државјани се движеш од 99 до 161 долар, особено ако се земе предвид дека просечниот граѓанин не може да си го дозволи ни основниот животен стандард.

Транспортот е сериозен финансиски товар. Повратниот авионски билет може да достигне до 400 евра, што за многу семејства претставува практично целата месечна плата. По пристигнувањето, сместувањето во Дубаи не е евтино — хотелите со средна категорија започнуваат од 50 евра по ноќ, а со целата динамика на патувањето, додадете ги и дневните трошоци за храна, превоз и други услуги кои ќе се движат од 30 до 50 евра дневно.

Патување или сон?

Кога се соберат сите овие трошоци, патувањето на двајца граѓани со минимална плата во Дубаи ќе ги чини околу 1.000 до 1.500 евра. За земја во која значителен дел од работниците примаат минимална плата, оваа сума е непозната територија. Укинувањето на визите се чини како чекор напред, но ако не се унапредат основните економски услови, тоа останува само една симболична мерка, која не може да ги реши реалните проблеми на граѓаните.

Соња Танеска

Зачлени се на нашиот е-билтен