Дали Северна Македонија ќе ја зголеми старосната граница за пензионирање?

Северна Македонија се наоѓа пред клучна одлука – дали и кога ќе ја зголеми старосната граница за пензионирање. Трендовите во Европа се јасни: државите соочени со стареење на населението и растечки притисок врз пензиските системи, веќе преземаат драстични чекори.

Данска веќе одлучи старосната граница да се зголеми на 70 години до 2040-та, Холандија, Шпанија и Германија се движат кон пензионирање на 67 години. Причините се исти: работоспособното население се намалува, а бројот на пензионери се зголемува – што создава неподнослив товар врз пензиските фондови.

Што се случува во Северна Македонија?

Во моментов, мажи се пензионираат на 64, а жени на 62 години – една од најниските старосни граници во Европа. Но системот веќе тешко го издржува тоа:

-Над 33% од пензиите не се покриени од Фондот за пензиско, туку од државниот буџет.

-Во 2022 година, државата префрлила 530 милиони евра за да ги покрие пензиите.

-Од 2002 до 2021, бројот на работоспособни лица е намален за над 170.000, а старото население се зголемило за 100.000.

-До 2050 година, секој трет граѓанин ќе има над 64 години.

Мицкоски и зголемување на пензиите

Актуелната владејачка гарнитура, предводена од Христијан Мицкоски, како одговор на незадоволството кај пензионерите, воведе линеарно зголемување на пензиите. Со оваа мерка, пензионерите добија фиксно зголемување без разлика на висината на претходната пензија.

Ова зголемување беше дочекано со позитивни реакции, но експертите предупредуваат дека тоа е популистичка мерка која дополнително го оптоварува системот, бидејќи не е придружена со структурни реформи во пензискиот фонд.

Краткорочни решенија без визија

Владата донесе закон кој дозволува пензионери и студенти да работат до 60 дена годишно, без да ја изгубат пензијата или стипендијата. Иако ова е корисна мерка за активирање на дел од населението, таа не нуди трајно решение за одржливост на пензискиот систем.

Предлог за зголемување на старосната граница на 67 години за мажи и жени, со примена од 2026 година, веќе постои. Тој доаѓа од Фискалниот совет, но е ставен на чекање. Се чека политичка одлука – можеби по избори, можеби кога ситуацијата ќе стане критична.

Зачлени се на нашиот е-билтен