Дали знаете дека синот на првиот претседател на Германија е погребан во Прилеп?

Прилеп
Фотографија од https://www.oldprilep.com/

Дали знаете дека синот на првиот претседател на Германија е погребан во Прилеп? Токму така, на воените гробишта е погребан и 19-годишниот Хајнрих Еберт, син на првиот претседател на Германија, Фридрих Еберт, кој во февруари 1917 година им подлегнал на раните во прилепската воена болница.

Хајнрих Еберт

На воените гробишта во Прилеп на простор од 7.200 метри квадратни се погребани 1683 германски војници (од кои 45 се од Втората светска војна), 40 Австро-унгарски, 39 бугарски, 33 војници од просторите на поранешната Југославија, 21 романски, 10 руски, 8 албански и 5 турски војници, погребани во периодот на Првата светска војна.

Хајнрих Еберт бил син на Фридрих Еберт, германски политичар од Социјалдемократската партија, кој бил прв претседател на поствоена Германија од 1919 до неговата смрт во 1925 година.

По ослободувањето на Прилеп, за разлика од другите градови во Македонија, воените гробишта се уништени од страна на тогашната народна власт. Во 2006 година е започнат проект за реставрација на воените гробишта, финансиран од германската влада во соработка со локалната самоуправа, кој е завршен во 2009 година.

Првата светска војна завршилa со потпишувањето на Примирјето од Компјењ помеѓу Германија и сојузничките сили, кое стапи на сила во 11 часот наутро на 11 ноември 1918 година, со што се замолкнаа оружјата на Западниот фронт.

По повод крајот на Првата светска војна денеска во Прилеп, градоначалникот на општината Дејан Проданоски беше домаќин на протоколарната средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија во Македонија, Петра Дрекслер и амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер.

Во рамките на посетата градоначалникот Проданоски со амбасадорката Дрекслер и амбасадорот Ле Риголер оддадоа почит на жртвите од Првата светска војна и го одбележаа Денот на примирјето на германските воени гробишта во Прилеп.

Делегација на Општина Прилеп пред спомен обележјето на Воните гробишта во Прилеп

По тој повод, градоначалникот на Прилеп Проданпски на социјалните мрежи напиша:

Овој ден е силен потсетник на трагичните последици од војната, но и на важноста на мирот, солидарноста и европските вредности. Примирјето од 1918 година го означи крајот на еден од најразорните конфликти во историјата и постави темели за иднината која ја градиме денес, иднина на соработка, почит и разбирање меѓу народите. Прилеп ќе продолжи да биде град кој гради мостови, развива партнерства и создава нови перспективи за своите граѓани.

Зачлени се на нашиот е-билтен