Даниела, Сара и Сара, новите архитекти на Скопје што го преобмислуваат градот во боја

Даниела Василева, Сара Трајковска и Сара Велеска освоија второ место со проектот „Преобмислување на брановите во боја“ на архитекстонскиот конкурс „Скопје на новата генерација“ организиран од страна на Јуроп хаус. „Скопје од нашите соништа го замислуваме баш вака, по пример на самиот проект. Град кој им служи на корисниците, град во кој се развиваат социјални конектори, град со добра инфраструктура каде што примарниот акцент е ставен на пешакот и велосипедот, а не на автомобилот. И секако зелен град, со свеж воздух и простори за рекреација, наместо загаден воздух и метеж“ , изјавија учесничките за читателите на Трн.мк.

Трн: Која градба или објект ви се омилени од Скопје?

Даниела Василева, Сара Трајкова, Сара Велеска: Му се восхитуваме на брутализмот во градот. Особено ни се допаѓаат објектите од Константиновски – Архивот на град Скопје, како и Студентскиот дом Гоце Делчев. И двата зрачат со скулптуралност во просторот, со нагласена материјалност и пластичност, притоа функционално одговарајќи на содржината која треба да ја задоволат.
Покрај објектите од овој тип – бруталистички, ни се допаѓаат и дел од модерните објекти кои ги следат светските трендови на одржливост, функционалност и естетика, кои полека почнаа да изникнуваат на неколку локации низ градот.

Трн: Што ве поттикна да се вклучите во натпреварот за архитектонски и урбанистички дизајн “Скопје на новата генерација” и какви ви беа главните идеи зад проектот
“Преобмислување на брановите во боја”?

Даниела: Првичната инспирација беше поттикната од самиот концепт на конкурсот, односно навраќањето и акцентирањето на значајните простори во градот Скопје кои се битни во создавањето на една целосна слика на градската архитектура. За жал ретко сведочиме на конкурси кои се однесуваат на овие простори, па затоа и со задоволство учествувавме на конкурсот. Улицата Кеј Димитар Влахов, особено ни беше инсипиративна поради нејзината неглекција во моментот, структурата долж самата улица и околината во која што се наоѓа.

Даниела Василева

Трн: Како го замислувате вашиот дизајнерски придонес за Скопје, во контекст на урбаниот развој на градот? Што друго би редизајнирале во Скопје?

Сара Велеска: За почеток многу ни се допаѓа идејата за организирање на конкурси во градот. На тој начин младите архитекти имаат можност директно да учествуваат во урбаниот развој на градот, притоа доставувајќи ги своите иновативни и креативни гледишта за развој на самиот град.
Акцентот на редизајнирање би го ставиле на слични вакви “мртви” простори кои ги има се почесто во градот, кои со мала интервенција може да се вратат во својот стар дух и да одговорат на денешните потреби. Не смееме да заборавиме на архитектонското богатство кое веќе го имаме, а полека изумира поради некористење и неодржување.

Сара Велеска

Трн: Кои се симболите во Скопје на новиот бран архитектонски обележја?

Сара Трајкова: Новиот бран на архитектонски обележја во Скопје е релативно монотон и едноличен. Се акцентира квантитетот наместо квалитетот на градбите, каде најголем број на објекти се резиденцијални. Се зголемува густината на населеност, на сметка на слободните површини во градот.

Сара Трајкова

Трн: Со што се одликува стилот на проектот, дали гледавте да е практичен, да им служи на новите генерации?

Сара Велеска: Секако, за нас како млади значајно ни е архитектурата да ја прати линијата на развивање на новите трендови воедно служејќи им најдобро на своите корисници. Така што овде предлагаме едно ново решение креирано по терк на овие трендови.

Хоризонтално гледано, ја делиме улицата на две посебни зони, каде што секоја ќе има посебна намена, истовремено зачувувајќи ја суштината на културните и административните институции што го дефинираат просторот. Првиот дел од улицата, веднаш до зградата на МКЦ се замислува како динамичен простор за култура и дружење. Тука, уличниот пејзаж  ќе биде дизајниран да ги привлекува луѓето и ќе овозможува интерактивна средина. Додека вториот дел од улицата, ќе ги сервисира корисниците на административните згради, ќе нуди соодветна атмосфера за работа и соработка. Овој сегмент ќе даде приоритет на функционалноста и ефикасноста преку работни зони дизајнирани за да ги задоволат потребите на административниот кадар, станици за кафе и киосци за потребите на луѓето кои работат тука.

Трн: Вашиот проект “Преобмислување на брановите во боја” претставува иновативен пристап за креирање нов простор во Скопје. Кои беа вашите инспирации и идеи зад оваа креативна концепција?

Сара Трајкова: Неглекцијата на оваа улица и желбата повторно да вдахниме живот на овој простор, беше појдовната точка за почеток на овој проект. Првичната мисла која ни беше водилка беше да смислеме иновативно, креативно  но и економично решение кое би било лесно изводливо притоа создавајќи нова атмосфера во просторот. Предлагаме преобмислување со интервенција по должината на улицата покрај брегот на реката. Ова е интервенција што ќе го заштити нејзиното историско значење, а истовремено ќе навести нова ера на енергија и намена. Нашата визија е да се зајакне овој простор преку додавање појаси во боја што ќе ја симболизираат транзицијата од минатото кон иднината. Овие појаси во боја ќе бидат истакнати во улицата и беспрекорно ќе се интегрираат во околината.

Трн: Како го замислувате вашиот дизајнерски процес и колку важен е вашиот креативен пристап за иднината на Скопје како град?

Даниела Василева: Дизајнерскиот процес со кој се соочуваме секогаш во центар го има корисникот, па потоа во склоп со креативноста  и техничките предизвици, одговара на дадениот проблем. Ние како архитекти секако дека секогаш гледаме да одговориме на предизвиците најдобро што можеме од креативна и функционална гледна точка. Меѓутоа во пракса честопати сведочиме на обратниот процес, сведочиме на архитектура каква не сме замислувале и која не соодветствува на одредени простори на кои се појавува, односно често пати на сила стапуваат барањата на инвеститорот, кои ја формираат конгломератната и нехумана силуета во градот.

Александра Тодоровиќ/ТРН.мк

Треба да знаете
Moже да ве интересира