Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Игнорирањето на брутализмот во Скопје, боли до срж

ТИНА ИВАНОВА

Желбата за враќање на некое изгубено време, истражувањето низ остатоците од колективнитеи личните сеќавања, врежаните слики кои оживуваат во фантазијата со тажен крик дека нештата коишто биле добри, завршиле, се нарекува носталгија, иако неретко не е само тоа. Тоа е често копнеж или вресок по нешто што во меѓувреме се уништило, изумрело, без идеја да се сочува како трајна вредност, или без цел да се претвори во подобро, поинакво, ама со ист квалитет.

Во последно време, во овој контекст, се зборува и за брутализмот како еден навистина фасцинантен период во архитектурата, а кој е толку присутен во Скопје (и во светот, се разбира), што денес навистина боли неговото отсуство. Брутализмот кој не е само архитектура, кој не е само еден носталгичен пејзаж, кој не е само еден период којшто некои генерации го паметат – туку е симбол на градот, негов идентитет, негова традиција, и за многумина, убавина која секогаш плени, колку и некои да сакаат да ја сместат во „естетиката на грдото и суровото“. Токму затоа, боли до срж кога сме сведоци на неговото (само)уништување.

Доаѓаат нови генерации, променети, кои носат свои очила, но, кои исто така се воодушевуваат, без страв, и на футуризмот, и на „ретро“ уметноста и на архитектурата. Но, за жал, за нив, брутализмот на некој начин е некомуникативна градба за која можат само да фантазираат низ размислите „што се случувало во ‘она’ време и како тие објекти функционирале“ и да се чудат на нивната ефикасност во траењето, иако голем дел од нив за жал, денес се често без никаква употреблива вредност. За нив, тоа сега е „ретро“, винтејџ уметност, која може да се претвори во некој културен објект кој, пак, би можел дури да има и музејска вредност и да ја раскажува вистината за една „вечност“.

Скопје не може да го развива процесот кон оправдување на титулата „Европска престолнина 2028“ без објектите од т.н. брут период. Голем дел од нив денес се само споменици коишто никој не ги одржува, оставени на забот на времето, оставени природата да се „погрижи“ за нив, обраснати со трева, околу нив ѓубре и сигурно многу животинки кои живеат низ пукнатините на бетонските ѕидови. Само туристите се чини, се воодушевуваат на формата, градбата, но и на нивната „дивост“, нивната изолација и трулост, па и на нивната мистика, која за нив е веројатно некаква егзотика на слобода. Наместо, наспроти било каква идеолошка размисла, да прерасне во национално богатство и ако веќе не може да ја има истата намена од првичната замисла, да добие вонвременски уметнички аспект. Затоа што, бруталистичкиот стил, никого не остава рамнодушен, без разлика дали го сакате или не.

Фото: Ерина Богоева

Само да потсетиме, терминот „брутализам“ потекнува од шведскиот архитект Ханс Асплунд и неговиот израз „nybrutalism“, а го популаризирал британскиот критичар Рајнер Банам во 1955 година кога ја објавил книгата „Новиот Брутализам: Етика или Естетика?“ Тоа е всушност, игра на зборови од француската фраза за груб, необработен бетон – „béton brut“, и не се однесува на „бруталната“ природа на изгледот на објектот. Бруталистичката архитектура е родена во 1950 година кога славниот архитект Ле Корбизје ја дизајнирал „Cite Radieuse“ во Марсеј, повоена зграда за работници, за 1600 луѓе, за која се верува дека го инспирирала бруталистичкото движење. Потоа се проширил во Европа, некогашен СССР и САД, но и во Израел, Јапонија и Бразил.

Овој стил го карактеризирал коцкаст и тежок изглед, едноставни линии, без орнаментика, монохроматика, користење на сиров бетон, челик, стакло, камен, груби и необработени површини… Станал популарен, за некои и контроверзен, во 60-тите, биле изградени административни објекти, универзитети, книжарници, паркинзи, шопинг центри, цркви, високи станбени згради, владини згради, но почнал да бледнее во 80-тите кога многумина го сметале за ладен, отуѓен и неадекватен. Светот бил поделен во ставовите за бруталистичките објекти (во СССР, на пример, страдал затоа што го поврзувале со тоталитаризмот), дали да се срушат или да се одржуваат, па и пренаменат. За некои, тешко е да се реновираат поради конструкцијата на лиен бетон, иако успешно беше реновиран Националниот танцов центар, надвор од Париз во 2003, но тешко е и да се демолираат. Затоа, многу се чести јавните дебати во светот за овие објекти и скоро сите се на мислење дека пренамената во културни центри е најадекватна. Денес е повторно во мода, повторно во фокусот на вниманието, и за новите генерации е ново откритие, така што, пак доживува своевидна слава, во скоро сите уметнички сфери. На бетонот не се гледало ниту тогаш, ниту денес, само како на конструктивен материјал без естетска улога. Напротив, се отфрла површната орнаментика и дизајнот станува искрен и чист. Функционален, масивен, монолитен, едноставен – минималистички, со чисти линии, но во кои се крие суштинска убавина – слично како музиката на Филип Глас, Стив Рајх и Тери Рајли.

Зошто пишуваме за брутализмот? Затоа што одбележува еден од најзначајните периоди во Скопје, неговите златни години, но е и идентификација на слободата и солидарноста.

Никола Наумоски од Културниот центар „Бруталиск“, во изјава за Фронтлајн вели дека брутализмот е повеќе од само еден архитектонски правец. Дека неговата популарност во светски рамки се должи на слободата во формите, чистотата на архитектонскиот израз, стаменоста на објектите.

„Но, најважно од сѐ, е неговата ‘искреност’, од каде и доаѓа името на овој правец. Односно, отсуството на фасада кај овие објекти значи дека тие не се кријат зад непотребни разубавувања, туку се потпираат на нивната вистинска убавина содржана и во нивната конструкција, односно скелет.“

„Но“, вели Наумоски – за Скопје брутализмот е многу многу повеќе.

Брутализмот за Скопје е она што е класицизмот за Вашингтон или барокот за Виена – неотуѓив дел од историјата на градот

Никола Наумоски
Никола Наумоски, Културен центар „Бруталиск“

„Тоа е израз кој го одбележува ‘златното време’ во развојот на градот – неговата постземјотресна обнова. Тоа е времето на меѓународната помош, на првите странски туристи во Скопје, на забрзаната индустријализација и културно процветување незапаметено во нашата историја. За тоа Скопје, се напишани многу книги и снимени многу филмови во кои се раскажани сите потресни човечки приказни за еден град кој за момент се срушил и потоа многу брзо со помош на пријателите од светот бил изграден како модерен и напреден град со сосема променет изглед. Тоа е време во кое истовремено Македонија се гради како држава, Скопје како главен град, а нацијата ги гради своите институции и ги сместува во новите бруталистички згради. Со сплетот на околностите, бришаниот простор, меѓународната помош, ентузијазмот на домашните и странските архитекти и тогашните архитектонски трендови, Скопје ја завршува постземјотресната обнова со 100-ина бруталистички објекти во кои ги сместува најзначајните свои установи, оние кои ја дефинираат државноста, а кои со својата архитектура ги пренесуваат вредностите од тоа време (солидарноста, космополитизмот, модерноста, прогресивноста…).

И покрај стиропорот на СК2014 со кој што тенденциозно се уништуваше бруталистичкото наследство, во Скопје сѐ уште има повеќе бетонски спијачи отколку барокни торти

Во филмот ‘ВременаБетон’ авторите велат дека Скопје е град со најмногу бруталистички објекти на километар квадратен во светот и тоа е веројатно точно, дури и ако се стави познатата Бразилија во конкуренција. Но, уште поважно, според мене, е што има во тие згради и што тие претставуваат. Градската и Универзитетската библиотека, Универзитетскиот кампус, Академијата, Зоолошката градина, Националниот музеј, Архивот, Метеоролошката станица, Верски објекти, сѐ се тоа објекти од национално значење кои го изразуваат времето во кое нацијата се градела и создавал градот со неа. Според тоа, брутализмот е дел од нашиот идентитет, од митот за создавањето на нашата држава и растот на нашиот главен град.

Брутализмот за Скопје е она што е класицизмот за Вашингтон или барокот за Виена-неотуѓив дел од историјата на градот. И покрај стиропорот на СК2014 со којшто тенденциозно се уништуваше бруталистичкото наследство, во Скопје сѐ уште има повеќе бетонски спијачи отколку барокни торти. Во нив се сместени поважни институции, а зеленилото околу нив, иако ги затскрива, сепак ги прави поубави од било кога. Брутализмот, за разлика од СК2014, станува поубав и поубав со секој изминат ден“, вели Наумоски.

Фотографката Ерина Богоева, во изјава за Фронтлајн вели дека е фасцинирана од брутализмот и од уметнички аспект, па голем дел од нејзината професија ја посветува токму на овој естетски израз.

Она што мора ние да го направиме, е да го одвоиме брутализамот од историско-политичкиот контекст на времето во кое бил создаден, и повеќе да го цениме од уметничкиот аспект на тоа што претставува тој

Ерина Богоева, фотографка

„Како уметник, сметам дека значењето на брутализамот (како правец) е огромно, бидејќи претставува иновативност и креативност на едно сосема ново ниво – дотогаш несвојствено за уметноста, особено заради користењето на натур бетонот како основна градбена ќелија на правецот. За Скопје пак, брутализамот има и значење повеќе. Таа иновативност и креативност биле искористени за нова изградба на градот откако бил разрушен, односно со тогашните најмодерни методи, Скопје се кренал како феникс од прашината на земјотресот. Она што мора ние да го направиме е да го одвоиме брутализамот од историско- политичкиот контекст на времето во кое бил створен, и повеќе да го цениме од уметничкиот аспект на тоа што претставува тој“, вели Богоева.

Архитектот Филип Конески има идентичен став.

Филип Конески, архитект

„Брутализмот како стил се развива во 50-тите години на 20. век, период по Втората светска војна што го става во контекст на желбата за трајна обнова. Тоа е и период кога модерната претставува преголем контраст на еклектичните стилови, од декорирани кон целосно чисти фасади, период на преразмислување. Потребата од нови трајни вредности, но и инспирацијата конструктивниот материјал да се претопи во искрена архитектура со поголема физичка издржливост и отпорност на оштетувања создава архитектонски скулптури, со мисла на футуризам.

Скопје е град каде овој стил има најимпозантни остварувања и како таков треба да го препознаеме и запишеме во градителското наследство во кое македонските архитекти дале голем придонес

Во локалниот контекст, брутализмот исто се појавува по големиот катастрофален земјотрес во Скопје, што е исто време на голема обнова. Пркосењето на рушливоста на старите системи на изградба, напредокот на инженерството и повторно идејата да се изгради нешто кое нема да биде лесно, да падне под природните појави или воените дејствија, отвора пат за домашниот бетонски белег на новите градски и државни институции. Значајноста е уште поголема од аспект на локалниот стил кој го следи светскиот тек на мислата со силни инспиративни маркери во традиционалната архитектура, што пак, создава една доцна модерна македонска архитектура. Скопје е град каде овој стил има најимпозантни остварувања и како таков треба да го препознаеме и запишеме во градителското наследство, во кое македонските архитекти дале голем придонес“, заклучува Конески.

Скопје мора и треба да изнајде начин да го врати сјајот на брутализмот. Тој е неговата идентификација. Во спротивно, ќе треба да мислиме дека градот доживеал уште еден катастрофален земјотрес, за среќа, овој пат без човечки жртви. Но, со разорен дух. (Фронтлајн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира