Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Данокот зa CO2 ќе се плаќа од јануари 2026 година

Зелената енергија бара значителни инвестиции и прецизна стратегија за зачувување на конкурентноста на бизнисите.

Од јануари 2026 година, Европската унија го воведува механизмот за адаптирање на границите на јаглерод (СВАМ), со кој ќе се регулираат емисиите на стакленички гасови за увозните производи. Македонија, како земја аспирант за членство во ЕУ, мора да ги усогласи своите закони со оваа регулатива. Но, подготовките доцнат, а соодветни закони и политики сè уште не се донесени.

Според Законот за климатска акција, кој сè уште е во нацрт-верзија, оваа регулатива ќе ги опфати компаниите извозници со емисии на јаглерод, како и тие што користат репроматеријали и енергија произведена од енергенси со висока емисија на јаглерод диоксид. Во фокусот се индустрии како производство на железо, челик, алуминиум, цемент, ѓубрива, електрична енергија и водород.

Македонските компании предупредуваат дека воведувањето на данок за емисиите на јаглерод мора да биде правично и транспарентно. Тоа значи дека истиот данок треба да важи и за увезените производи, за да се избегне нееднаков третман кој може да ја загрози домашната индустрија. Зголемувањето на производствените трошоци поради новата давачка може да влијае врз цените на производите, правејќи ги помалку конкурентни како на домашниот, така и на странскиот пазар.

Од Владата велат дека работат на стабилизирање на енергетскиот сектор и модернизација на инфраструктурата за зелена енергија. Но, според Министерството за енергетика, заостанувањето во подготовките создава ризик за навремена примена на СВАМ. Неопходно е усогласување на законите, како и зајакнување на административните капацитети.

Министерството за животна средина дополнително треба да воспостави систем за трговија со емисии на јаглерод, согласно директивите на ЕУ. Ова вклучува вработување на квалификуван кадар, воспоставување на мониторинг системи и изработка на подзаконски акти.

Според експертите, Македонија треба да ги усвои трите клучни мерки за справување со емисиите:

-Воведување систем за максимални емисии и тргување со јаглерод.
-Регулација на емисиите во сите сектори.
-Воведување на јаглероден данок како најбрзо решение за усогласување со барањата на ЕУ.

Данокот на јаглерод би требало да се наплаќа на почетокот, односно при увоз на енергенси или на местото на ископ за домашниот јаглен. Собраните средства треба да се инвестираат во проекти за намалување на емисиите и поддршка на транзицијата кон зелена економија.

Во својот извештај, Светската банка препорачува воведување на јаглероден данок како начин за зголемување на државните приходи и поттикнување на климатските акции. Според анализите, приходите од данокот може да изнесуваат до 1,9% од БДП годишно, што би помогнало во компензација на засегнатите домаќинства и бизниси.

Македонија се соочува со предизвик кој бара интензивна подготовка, координација меѓу институциите и стратегиска поддршка за бизнисите. Зелената транзиција е неминовна, но нејзината успешност ќе зависи од тоа колку земјата ќе успее да балансира помеѓу економските интереси и климатските цели.

Зачлени се на нашиот е-билтен