Дарко Стојанов, првиот пациент од трагичниот пожар во Кочани кој се лекуваше во странство, вчера се врати во Македонија. Неговата здравствена состојба е стабилна, а следува подолг процес на опоравување.
При неговото пристигнување, го пречекаа министрите за здравство и надворешни работи, Арбен Таравари и Тимчо Муцунски.
Дарко денеска се огласи на социјалните мрежи, споделувајќи емотивна порака за трагедијата во која загинаа 59 лица.
„Мили мои ученици, премногу ми недостасувате, но ќе се видиме наскоро. Мој македонски народе, ви благодарам за солидарноста, емпатијата и храброста која ја добивам“, напиша тој.
Во својата објава, Дарко изрази благодарност до сите што му пружиле поддршка, нагласувајќи дека физичките рани ќе зараснат, но душевната болка од загубата ќе остане засекогаш.
„Благодарение на Бога, јас бев еден од посреќните што преживеа таа ноќ. Но, за жал, многумина ја немаа таа среќа. Тоа е рана која никогаш нема да зарасне“, сподели тој.
Посебна благодарност упати до институциите што помогнаа во неговото лекување во Србија, како и до медицинскиот персонал во Македонија, истакнувајќи ја нивната пожртвуваност.
„Дишам благодарение на брзата реакција на медицинскиот персонал во КАРИЛ. Благодарам и на целиот тим од Клиничкиот центар на Србија – моите ангели чувари. Моите деца сè уште имаат татко благодарение на нив“, нагласи тој.
Стојанов им посака брзо закрепнување на сите повредени и упати порака за заедништво:
„Гушнете ги најблиските, семејството, пријателите. Кажете им дека ги сакате – никогаш не знаете кога е последниот пат“.