Конвој од околу 30 возила, меѓу кои има и семејства со деца и трудници, веќе неколку часа се обидува да се пробие од мавровските села Леуново и Никифорово кон регионалниот пат Дебар-Скопје, но безуспешно, објави Пари.мк.
Возилата тргнале утрово по ноќ помината во селата, каде ги чекале надлежните служби да го расчистат патот од снег и паднати дрвја. Наместо подобрување, состојбата се влошува, па автомобилите, вклучително и џипови, сè повеќе се заглавуваат во длабоки снежни наноси.
„Постојано застануваме и рачно ги вадиме возилата од снегот. Заморот веќе не стигнува,“ вели скопјанка која со семејството го поминала викендот во Леуново. „Неколку пати се обративме до надлежните служби, но никој не дојде да ни помогне,“ додава таа.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) извести дека синоќа биле евакуирани повеќето гости од Леуново, освен оние кои одлучиле да останат. „Снежната покривка во регионот достигнува околу 80 сантиметри, а паднатите дрвја дополнително го отежнуваат расчистувањето,“ информираат од ЦУК. Одговорните служби се обидуваат да ја подобрат состојбата, но патот кон хотелот „Радика“ и делницата до Бунец остануваат најпроблематични.
Екипи на Јавното претпријатие за одржување на патиштата се на терен и работат на расчистување. Според последната информација, колоната возила успеала да стигне до Бунец, но напредува многу бавно, главно со туркање.
Многумина одлучиле да останат во селата надевајќи се дека патот ќе биде подобро исчистен до утрото, но до моментот на пишување на овој текст, состојбата и понатаму е критична.