Од денеска во јавниот градски сообраќај во Скопје се вклучуваат 55 автобуси на приватните превозници, а до крајот на годината се очекува да се вклучат уште 20 возила. Целта, според надлежните, е да се подобри јавниот превоз и да се зголеми фреквенцијата на линиите во главниот град.
Претставникот на приватните превозници, Јовица Зафировски, изјави дека возилата се еколошки и опремени со клима-уреди, и дека се очекува промена на возниот ред за да се обезбеди редовност во сообраќајот.
На прес-конференција, новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека освен постојните, дополнително ќе бидат вклучени и нови автобуси со издадени лиценци, со цел да се надомести недостигот на возила во јавниот превоз. Тој најави дека до март 2026 година, во координација со Владата и Министерството за транспорт и врски, ќе бидат обезбедени уште 80 автобуси.
Новите автобуси беа претставени на паркингот кај салата „Борис Трајковски“, каде дел од нив беа забележани со странски регистарски таблички, како возила увезени од Словенија и Австрија. Станува збор за користени автобуси кои треба да поминат царински постапки, хомологација, технички преглед и бојадисување пред поднесување барање за лиценца до Град Скопје.
Според податоците од Царинската управа, зголемен увоз на автобуси е регистриран во септември 2025 година — период што се поклопува со текот на изборната кампања за локалните избори. Тогаш биле увезени 35 половни и 3 нови автобуси и минибуси, што претставува највисока месечна бројка за тековната година. Вкупно, во првите девет месеци од 2025 година во земјата се увезени 221 половен и 6 нови автобуси, додека во 2024 година биле набавени 258 половни и 46 нови возила.
За да се вклучат новите автобуси во системот, потребна е одлука на Советот на Град Скопје, по што се распишува јавен оглас. Според актуелната регулатива, бројот на автобуси не може да се зголеми без замена на постоен — секое ново возило го заменува старото, кое се повлекува од употреба. Новиот автобус го презема и системот за електронска наплата, обезбеден од ЈСП.
Во моментов, долгот што Град Скопје и ЈСП го имаат кон приватните превозници, според нивни проценки, изнесува околу 180 милиони денари.

