Во Делчево денес се одржува првото издание на спортскиот настан „Голак Треил“, кој обединува планинско трчање и брзо одење низ пределите на планината Голак. Настанот има хуманитарен карактер и е посветен на Иле Гоцевски – возач на Брза помош од Кочани, кој стана симбол на пожртвуваност и хуманост.
Гоцевски остана запаметен по трагичната ноќ кога, за да помогне во спасување на пациенти, 11 пати патувал од Кочани до Скопје. Неговата посветеност на другите го чинеше сопствениот живот.
„Во негова чест, патеката на првото ‘Голак Треил’ е долга 11 километри – симболика на неговите 11 возења за спасување животи,“ соопштија организаторите од Еколошкото друштво „Голак“.
Средствата собрани од котизациите ќе бидат донирани на „Support Kocani“. Настанот има цел и да ја промовира Голак како дестинација за спорт, рекреација и туризам, како и да ја зголеми свеста за здравиот начин на живот и развојот на источниот регион на Македонија.