Делегацијата на Европската Унија во Скопје одговори на писмото што осум граѓански организации го доставија по повод јавната објава на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ.
Од Делегацијата наведуваат дека се целосно запознаени со случајот, внимателно ги следат случувањата и дека својот став веќе им го пренеле на надлежните власти.
Во одговорот се истакнува:
„Ставот на Европската Унија за Ратко Младиќ е јасен – величањето на воените злосторници нема место во земјите што припаѓаат на ЕУ или се стремат да станат нејзини членки.“
Европската Унија е заснована врз почитувањето на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста и недискриминацијата. Согласно овие темелни вредности, во европското општество нема место за поддршка на негирањето на геноцидот, ниту за величање на лица правосилно осудени за воени злосторства пред Хашкиот трибунал и неговиот правен наследник.
Европската делегација ја нотирала и одлуката на граѓанските организации да го прекинат учеството во сите активности со Агенцијата под актуелното раководство. Истовремено информира дека во моментов не се планирани активности со Агенцијата финансирани од Европската Унија.
Делегацијата нагласува дека ЕУ ќе продолжи да ги следи случувањата, во тесна координација со меѓународните партнери, и ќе остане посветена на заштитата на основните човекови права, вклучително и правата на малцинствата.
За нас, ова е јасна потврда дека објавата на носител на јавна функција, особено на директор на институција задолжена за правата на заедниците, не може да се сведе на „личен став“. Станува збор за прашање на институционална одговорност, меѓуетничка доверба и почитување на жртвите, се истакнува во известувањето на осумте граѓански организации до медиумите.
Во известувањето се посочува дека тие ја повикуваат Владата на Република Северна Македонија итно да постапи по доставеното барање, да ја утврди одговорноста на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ и да преземе соодветни мерки.

