Денеска е Водици – Богојавление

Водици

Празникот Водици (Богојавление) народот го празнува како еден од најголемите христијански празници, зашто на тој ден Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан.

Со тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина.

Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.

Празникот Богојавление се однесува на настанот на Христовото крштевање во реката Јордан од страна на Свети Јован Крстител, кој уште се вика и Претеча што значи претходник. Тој со своето учење одел пред Исус, што значи му претходел на Исус и затоа е наречен Претеча.

Св. Јован го повикувал народот на покајание и му кажувал дека е дојдено времето кога ќе се појави Спасителот на Светот. Притоа луѓето ги крштевал со вода и им кажувал дека тој што ќе дојде по него ќе ги крсти со Свет Дух. „Јас ве крштевам со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни ременчињата на обувките Негови. Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.“ (Лука, 3/16)

Традиционално во Македонија во сите населени места, свештениците го фрлаат крстот во некоја поголема вода – базен, река, езеро, а луѓето скокаат во водата во обид да го фатат крстот. Се верува дека оној што ќе успее да го фати крстот ќе биде среќен во текот на целата година.

Според преданието, Водици е денот кога водите стануваат лековити. Токму затоа многумина си земаат од испеаната (светена) вода за дома, или пак му приоѓаат на свештеникот да ги попрска со осветената вода за среќа, здравје и бериќет.

Зачлени се на нашиот е-билтен