Граѓанската иницијатива „Кој е следен?“, денеска ќе го одржи првото Народното собрание пред Собранието на Република Македонија со почеток во 12 часот, откако претходно, во 11 часот ќе отпочне подготовката на настанот.
Од „Кој е следен?“ соопштија дека со овој настан иницијативата „му дава глас на народот“ и „дека граѓаните започнуваат да работотат „наместо народните избраници, кои нè напуштија во моментот кога беа најпотребни“.
Настанот ќе биде поделен во два дела. Во првиот дел „Кој е следен?“ ќе ги презентира барањата – јасно и директно. Барањата се глас на граѓаните, глас на разумот, глас на сите оние кои со години бараат институциите да бидат сервис на граѓанинот, а не инструмент во рацете на партиите.
Во вториот дел, велат организаторите, микрофонот ќе биде отварен за јавноста. Секој човек што чувствува неправда, што смета дека институциите мора конечно да си ја завршат работата, што бара поголема безбедност, одговорност и транспарентност, добредојден е да зборува. Добредојден е да го каже својот став, својата болка, својот предлог. Да не молчи.
„Сите можеме да бидеме следни жртви, но утре, ние ќе бидеме следни на микрофонот. Не смееме да чекаме повеќе. Гласот мора да се слушне, а институциите мора да реагираат“, порачуваат од „Кој е следен?“.
Од таму велат „кога пратениците се на одмор, народот е на улица. Ова е повик за одговорност. Денешните напади против „Кој е следен?“ се само уште едно поглавје од низата лажни приказни со кои се обидуваат да нè оцрнат, да нè замолчат, да ја извртуваат вистината. Но, вистината не може да се скрие зад спинови и манипулации“.
„Кој е следен?“ е на страната на вистината, на страната на правдата, на страната на граѓаните, истакнуваат од иницијатата. „Тоа можеби не им се допаѓа на некои, но се надеваме дека ќе биде препознаено од повеќето“.