Денеска, на денот на раѓањето, се сеќаваме на Гоце Делчев, визионерот што го оцени како штетно мешањето на Русија во Македонија

Делчев

Денеска кога го одбележуваме раѓањето на Гоце Делчев (Кукуш , 4 февруари 1872 – Баница, 4 мај 1903) , се сеќаваме на неговото големо дело како срцевина на македонската револуционерна и интелектуална борба за македонска држава која е еднаква за сите, рамноправна со другите во заедницата на народите во која единствениот натпревар треба да биде оној, културниот.

Човекот кој го разбираше светот како поле за културен натпревар меѓу народите и кој сметаше дека ниту еден друг народ не страдал повеќе од предавниците во своите редови, ќе остане запаметен како бескомпромисен противник на било какво мешање на надворешни фактори во ослободителното дело на македонскиот народ.

Затоа визионерски делуваат од денешна гледна точка ставовите на Гоце Делчев во едно писмо пишувано во Штип, до Ефрем Каранов во 1895 година, во кое апостолот на македонското револуционерно дело зборува против проруските агитатори кои сакале да кренат предвремено востание во Македонија.

Еве како размислувал Делчев за агитацијата на Чакаров во офицерска униформа:

„Ќе кренам внатрешно востание, па штом ќе се развее знамето, Русија, о славна Русија, во истиот миг ќе навлезе во Македонија и ете ти, ние сме ослободени“(?? !!). Така ли мисли тој, така ли мислите и Вие, па најпосле така ли треба да се воспитуваат востаниците? Ако им давате такви голи надежи на востаниците, знајте дека и најпрвиот херој во извесни моменти ќе дојде до најголемо разочарување. Не, така со ништо не помагаат лагите, особено оваа. Трудете се да се искорени оваа слабост (очекуваната помош од рускиот тиран) и од најзаблудениот страшливец, па наместо неа нека се оживее непобедлива сила на самоувереност и решителност и тогаш, верувајте, секој еден ќе се бори докрај со најголема суровост“.

Гоце Делчев не само што пишувал против „рускиот тиран“, туку отворено се спротиставувал на проруските агитатори кои неосновано ветувале воено ослободување на Македонија од страна на Русија, по кревање на востанието.

Делчев уште во 1895 година бил визионер, и испаднал во право. Русија правела се што е во нејзина моќ за да спречи внатрешно востание во Македонија, а откако било кренато, за да го задуши.

Академик Владо Поповски, повикувајќи се на руски официјални извори, укажува дека:

„Во текот на самото Илинденско востание, во екот на турските безобѕирни рушења и уништувања на македонските села и на неборбеното население во нив, министерот за надворешни работи, грофот Ламсдорф, ги повикал руските конзули на теренот да се обратат до постраданото и загрозено македонско население и да му ветат руска заштита доколку се откаже од комитетите и од водачите на востанието и доколку ги предаде на турските власти, инсистирајќи на тоа тие бргу, решително и ефикасно да го задушат востанието“.

Владимир Ламсдорф бил Министер за надворешни работи на Русија од 6 јануари 1901 со 11 мај 1906 година.

Ставовите на Гоце Делчев на македонското револуционерно движење му дадоа автентичен, својствен и прогресивен печат. Го раздвижи и го постави на високи начела, посочува д-р Јасмина Дамјановска, историчар од Државниот Архив на Република Северна Македонија.

„Неговата личност и живот посветени на ослободителното дело ги обврзаа сите македонски поколенија на зачувување на слободата, демократијата и независноста. Гоце Делчев со право беше наречен балкански и македонски Гарибалди, човек, не повеќе – но човек со сето големо значење на тој збор. Неговите мисли ‘За мене е неразбирливо, кога од нас се бара она што ние го бараме од целиот свет’ и ‘Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и на Организацијата – тоа е првиот услов за нашиот успех!’“’, како и многу други, ги задолжија македонските поколенија за одржување на слободата и на државноста“

Така напиша д-р Дамјановска, во публикација посветена на годишнината од раѓањето на иделогот на македонското ослободително движење, кој е отсликување не беспрекорен хероизам, непокор и пожртвуваност на македонскиот народ.

Пред избувнувањето на Илинденското востание, Делчев станал еден од главните поборници на идејата да не се крева избрзано востание во Македонија и да се чека поволен моменет за тоа.

Гоце Делчев загина во судир со турската војска кај селото Баница, Серско, на 4 мај 1903 година. Коските на Гоце Делчев на 10 октомври 1946 година беа положени во црквата „Св. Спас“ во Скопје и се сочувани како скапоцена реликвија на македонскиот народ.

Зачлени се на нашиот е-билтен