Денот кога Македонија се зави во црнина

Во хрониката за Македонија 16 март 2025 година ќе биде ден кога државата се зави во црнина.

Во Кочани, во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 луѓе, а уште 162 се повредени и се на болничко лекување во болниците во Скопје, Штип, Кочани и во болниците во Бугарија, Грција, Србија, Турција…

Бројот на жртви може да се зголеми. Од повредените, 22 се во критична состојба. Најголем дел од жртвите се млади на дваесеттина години и малолетни тинејџери.

Некои од родителите уште ги бараат своите деца одбивајќи да прифатат дека се можеби меѓу оние кои се уште не се идентификувани.

Македонија се разбуди рано со веста дека во дискотека во Кочани избувнал пожар околу 03.00 часот по полноќ.

Набргу почнаа да се објавуваат првите видеа на граѓаните од Кочани и од оние кои успеале да се извлечат од пеколниот пожар во ноќниот клуб.

Пожарот настанал за време на концертот на групата ДНК кога на сцената се запалиле пиротехнички средства.

Снимката сведочи за кобниот настан со пожарот за кој смета дека е предивикан од пиротехнички средства во кочанската дискотека Пулс.

Од видеото се слушаат извици и апели: Идете надвор, идете надвор…

Марија Тасева, 20-годишна девојка која е една од повредените во пожарот во дискотеката во Кочани, пред камерата на МИА сведочеше дека во моментот на пожарот настанала гужва и дека излегувајќи надвор паднала на земја. 

– Сите почнаа да трчаат надвор. Сите гледаа да се спасат. Сестра ми е изгубена. Не можеме да ја најдеме во никоја болница. Сега чекаме тука резултати дали ќе ја најдеме, ако не, на крај во Скопје. Излегувајќи надвор паднав на земја и другите газеа врз мене, едноставно бев на земја со образот, изјави Тасева. 

Подоцна во текот сестрата на повредената Марија Тасева, Лепа Тасева, е пронајдена меѓу загинатите лица во пожарот во кочанската дискотека. Нејзиниот татко, кој ја бараше во болниците во Скопје, објави дека за жал, неговата Лепа е меѓу загинатите.

Во текот на денот министерот за внатрешни работи одржа неколку прес конференции. На една од нив беше речено дека плафонот бил од лесно запалив материјал и дека тоа само ја забрзало катастрофата.

Министерот Тошковски, а потоа и премиерот Христијан Мицкоски само ги потврдија податоците за кои јавноста и медиумите веќе известуваа во текот на денот. Дискотеката немала лиценца од Министерството за економија за да ја врши дејноста, односно имале фалсификувана лиценца, според Мицкоски.

И двајцата застапуваат став дека станува збор за мито и корупција.

Потоа беше откриено дека „Пулс“ немал ниту елаборат за противпожарна заштита кој го одобрува Дирекцијата за заштита и спасување.

Со сите овие факти стана јасно дека „Пулс“ во Кочани пиротехниката била употребена без да се почитуваат протоколите за тие средтсва, имало малолетни лица, а објектот воопшто не смеел ни да работи.

Објектот немал ништо од стандардите што ги опфаќаат безбедносните стандарди против пожари како што се системи и средства за гасење, повеќе излези со врати со пропишана димензија за поголем капацитет за брз излез на гостите и најмалку два пристапа за возила на противпожарната заштита.

На една од прес конференциите министерот за внатрешни соопшти дека се осомничени и повикани на разговор 20-ина лица.

Меѓу нив поранешни функционери и вработени во институциите кои ги издавале потребните одобренија и лиценци. На разговор во полицијата бил повикан и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши. МВР изрази основи за сомение и за поранешен директор на Дирекцијата за спасување и за уште тројца вработени од таа институција.

Другите се лица инволвирани во организацијата на настанот, обезбедуањето, менаџментот на клубот.

Државниот обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е побаран краткотраен притвор за вкупно 10 лица.

Големиот број на пропусти во одобрувањето на работата на дискотеката ги нарече – ерозија на системот.

Во долга траорна колона стотици и стотици граѓани на Кочани палеа свеќи за починатите.

Во тешка тага е обвиен градот и лицата на граѓаните кои се шокирани од трагедијата во нивниот град во кој животот, според досегашниот страшен биланс, го загубија 59 млади момчиња и девојки од Кочани и од соседните градови и неселени места.

Зачлени се на нашиот е-билтен