Соња ТАНЕСКА
Ѓултен Мустафова, проектен менаџер во „Ромалитико“, знае многу добро што значи борбата за инклузија – и што значи таа борба да трае со генерации. За неа, вистинската интеграција на ромската заедница започнува од едно прашање што во македонското општество сè уште не се отвора доволно: постоењето на сегрегирани населби.
„Ромите и во Македонија, и во светот генерално, најчесто живеат во изолирани средини, што значително го забавува процесот на инклузија“, вели Мустафова.
Но таму каде што ромските семејства живеат заедно со мнозинството, резултатите се видливи: „Инклузијата оди побрзо, дискриминацијата е речиси незабележлива. Самите Роми се чувствуваат повеќе прифатени, повеќе вклучени.“
Не зборува само теоретски. Низ проекти спроведени со македонски општини, таа лично видела како мешаното живеење носи позитивни промени. Но и покрај тоа, предизвиците остануваат.
Сепак, патот не е лесен.
„Кога работев како раководител на сектор во едно министерство, иако формално имав моќ, неформално сè уште се чувствуваше отпорот – некои колеги, особено оние постари и не-Роми, тешко прифаќаа дека една Ромка може да носи важни одлуки“, раскажува Мустафова.
„Стереотипите беа тука: дека не сме доволно стручни, дека не сме за лидерски позиции.“
Таа сведочи и за тивката борба што се води и во училиштата, во најраните години.
„Не станува збор само за мене, туку и за моето дете“, вели. „Имавме ситуации каде што родителите на неговите соученици не прифаќаа некои работи. Важно е да се работи уште од најрана возраст – децата треба да учат дека сите сме еднакви.“
Иако признава дека е фрустрирачки постојано да мора да објаснуваш дека си способна, дека припаѓаш, дека имаш право да бидеш таму каде што си, Мустафова гледа и позитивна страна: „Свесна сум дека на тие на кои им објаснуваме, им даваме нова перспектива. Тие можеби никогаш немале прилика да видат друга слика за Ромите. Ова е борба за идните генерации.“
Паралелно со системските бариери, постојат и бариери внатре во ромската заедница. Таа прави споредба меѓу трите генерации во нејзиното семејство: мајка ѝ, Мустафова и нејзиниот син.
„Кога мојата мајка продолжила во средно училиште, била осудувана – не само од општеството туку и од ромската заедница. Образованието не било вреднувано тогаш. Денес е различно. Благодарение на работата на граѓанските организации и поддршката со стипендии, сликата се менува. Моето дете расте во поинакво опкружување каде што етничката припадност не секогаш е бариера за пријателство или почит, додава таа.
Иако е воспитана во несегрегирана средина, каде растела со деца од различни етнички групи, Мустафова признава дека стереотипите никогаш не исчезнале целосно. За другите жени Ромки, дискриминацијата е уште поинтензивна. Затоа, како што вели, мора да се работи постојано: на десегрегација, на едукација на администрацијата, на воведување на обуки во училиштата за недискриминација и сензитивност.
Сепак, Мустафова е свесна дека патот до целосна инклузија е уште долг. Особено кога станува збор за жените Ромки што сакаат да влезат во бизнисот или политиката.
„Патот е исклучително тежок. Ромките се речиси невидливи во политиката. Имавме само една жена пратеник во минатиот состав“, вели Мустафова. Законите за родова еднаквост помогнале на локално ниво, каде што, во места како Шутка, може да се видат Ромки советнички. Но на национално ниво, присуството останува минимално.
Во економијата сликата е уште посложена.
„Жената Ромка не се соочува само со економски предизвици. Таа паралелно треба да ја носи тежината на домашните обврски и на борбата за признавање во општеството. Патот до сопствен бизнис или кариера е преполн со препреки, вели Мустафова.
За Мустафова, решението е системска промена: инвестирање во образование, десегрегација на населбите и доследна примена на законите за еднаквост. „Работите одат на подобро, но се уште сме далеку од целта. И мора да продолжиме да се бориме.“

Подобро образование и интеграција за економско зајакнување на жените Ромки
На настанот за економско зајакнување на жените Ромки, организиран на 14 април од Институтот „Ромалитико“ во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, се истакна потребата од подобро образование и интеграција на жените Ромки за нивно економско зајакнување и зголемена вклученост во општеството. Настанот беше присутен од страна на значајни јавни личности, кои ја потенцираа важноста на едукацијата, вработувањето и економската независност на жените Ромки.
Мустафова, која е проектен менаџер на „Надвор од бариерите, резилиентност на Ромите во Западен Балкан“, тригодишен проект финансиран од Европската Унија, ја презентираше стратегијата за поддршка на жените Ромки преку подобрување на нивното образование и економска интеграција. Мустафова истакна дека проектот се спроведува во пет земји: Македонија, Србија, Албанија, Косово и БиХ, со вклучување на 30 организации кои ќе работат на регионално ниво за унапредување на правата и можностите на Ромите.
Таа додаде дека заедничката работа со бизнис организациите и работодавците преку меморандуми за соработка е клучна за оваа иницијатива, бидејќи овозможува практична поддршка за вклучување на Ромките на пазарот на трудот.
Според извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2024 година, државата постигнала задоволителен напредок во интеграцијата на Ромите, но и покрај ова, предизвиците се уште остануваат. Посебно се истакнуваат проблемите со вклученоста на децата Роми во редовната настава, сегрегацијата во училиштата и пристапот до образовни ресурси.
Како што истакна Мустафова, за успешно интегрирање на жените Ромки во општеството и за економско зајакнување, потребни се континуирани напори на сите нивоа – од државните институции до невладините организации и бизнис секторот. Заедничката работа и создавање на инклузивни политики се основа за создавање подобри услови за живот за сите Ромки во Македонија.
„Само со подобро образование и инклузија, жените Ромки ќе можат да ја искористат целосно својата енергија и потенцијал. Потребни се силни поддршки и нови можности за нив да станат активни учесници во општеството“, заклучи Мустафова.