По проширувањето на дописничката мрежа во регионот и отворањето на студија во Сараево и Подгорица, „Њузмакс Балканс“ (Newsmax Balkans) од утре, понеделник, 28 јули, започнува со работа и во Скопје, со ново дописничко студио во главниот град на Северна Македонија.
Во изминатите недели, гледачите имаа можност преку директни вклучувања на репортери од македонските градови да се информираат за актуелните случувања во земјата. Отворањето на студиото во Скопје ќе ја зајакне локалната покриеност и ќе овозможи подлабоко известување за темите што ги засегаат македонските граѓани.
Новото студио ќе се приклучи кон продукцијата на регионалната емисија „Ставот на регионот“, која ќе ги опфаќа најважните политички, економски и социјални прашања во земјата и регионот. Уредник и водител на емисијата „Ставот на регионот“ од студиото во Скопје ќе биде Предраг Кукиќ.
Емисијата ќе се емитува во работни денови од 19:30 часот и ќе се менува со регионалната емисија „Ставот на регионот: Подгорица“, која ја реализира тимот на Newsmax Balkans од Црна Гора.
Newsmax Balkans продолжува да ја проширува својата дописничка мрежа со цел да обезбеди навремени и квалитетни информации од целиот Балкан.
Тоа се официјалните информации што досега се познати за „Њузмакс Балканс“ и за вклучувањето на студиото во Скопје во регионалната мрежа на оваа телевизија.
Она што уште е познато за оваа телевизија е дека се работи за кабелска мрежа, со седиште во Белград, основана во март 2024 година како прв медиумски партнер на американската телевизија „Њузмакс“ надвор од САД. Телевизијата започна со емитување на 14 октомври 2024 година.
Кој и што стои зад медиумската корпорација „Њузмакс“?
Кога ќе почнете да истражувате повеќе за „Њузмакс“, Би-Би-Си Мониторинг откривате дека „Њузмакс Балканс“ е првиот медиумски партнер надвор од САД на конзервативната, десничарска телевизија „Њузмакс“.
Според „Ројтерс“, „Њузмакс“, како медиумска компанија со повеќе платформи, е основана во 1998 година од Кристофер Руди, Newsmax започна како дигитален бренд и го лансираше својот кабелски канал за вести во 2014 година. Исто така, се емитува бесплатно на платформи како што се апликацијата Newsmax и YouTube.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја промовираше „Њузамакс“ за време на неговата прва администрација, кога често ги критикуваше известувањата на другите новински куќи за него.
Кристофер Руди, основачот и сопственик на „Њузмакс“ не се штеди да му возврати на Трамп, па во една прилика кога се обидуваше да ја лансира „Њузмакс Адрија“ за да влезе во регионот не пропушти да каже дека е личен пријател и поддржувач на американскиот претседатели дека Доналд Трамп е одличен преговарач и човек кој може да донесе мир на Западен Балкан.

„Њузмакс“ го прогласи Путин за Господар на светот
Инаку медиумската корпорација „Њузмакс“ беше во центарот на вниманието во декември 2021 година, кога магазинот на оваа корпорација го прогласи Путин за Господар на светот.
„Њузвик“ тогаш запиша дека го прогласувањето на Путин за Господар на светот дојде во периодот кога тогашниот американски претседател Џо Бајден преговараше со рускиот претседател за да ја спречи воената инвазија на Украина. Само два месеци подоцна господарот на светот влезе во Украина со својата армија.
Одлуката на „Њузмакс“ да го прогласи Путин за господар на светот наиде на остри критики дури и меѓу републиканците во САД.
Пратеникот Адам Кинзингер, републиканец од Илиноис, тогаш твитнал: „Ако ова е вистина, тогаш Newsmax навистина треба да признае дека е новата пропаганда на Russia Today“.
Рон Филипковски, адвокат на Републиканската партија во тоа време, исто така на Твитер напиша: „За секој што мисли дека Newsmax е нешто друго освен руска дезинформација, еве ја насловната страница на декемвриското издание на списанието Newsmax. „Стотици илјади MAGA добиваат вести од Путин секој ден“, напиша тогаш политичкиот аналитичар Џош Џордан и додаде „Newsmax целосно да се фокусира на Путин е… токму она што би очекувале од публикација што се грижи за базата на MAGA“.