Во Македонија е регистрирано дете помладо од 5 години како корисник на дрога, а државата нема ниту еден центар за третман и рехабилитација на деца-зависници, ниту во рамки на Универзитетската детска клиника.
Ова го откри Васка Бајрамовска-Мустафа, раководителка на Одделот за права на деца при Канцеларијата на Народниот правобранител, при презентацијата на резултатите од најновото истражување за употреба на дрога кај деца.
Истражувањето, финансирано од Европската Унија, покажува алармантен тренд – првата употреба на дроги кај деца се случува на сѐ пониска возраст. Во периодот од 2023 до првата половина од 2024 година, Министерството за внатрешни работи евидентирало 130 деца-корисници на психоактивни супстанции.
„Најмалото дете е под пет години. Гледаме драстично намалување на возраста на првата употреба. Сѐ повеќе деца не само што користат, туку и нудат дрога“, рече Бајрамовска-Мустафа.
Според податоците, најчесто се користат марихуана, амфетамини, екстази, но има и случаи со кокаин и хероин. Македонија, сепак, сѐ уште нема специјализирани установи за третман и одвикнување на малолетници.
Во Воспитно-поправниот дом „Тетово“ во Волковија, каде има деца зависници – вклучително и од хероин – нема стручен кадар ниту програма за одвикнување. „Персоналот нема обука, а третманот се сведува на спортски активности. Нема метадонска терапија, ниту било каков организиран медицински одговор“, нагласи Бајрамовска-Мустафа.
Таа укажа и на игнорирање на правосилни пресуди од страна на Министерството за здравство. Една таква е пресудата П4 бр. 884/21 од јануари 2022 година, со која се утврдува дискриминација и повреда на правото на третман на дете-зависник. И покрај тоа, Министерството не ја спровело, што претставува кривично дело.
Во земјата нема систем за рана детекција на деца-корисници на дрога, нема рехабилитациски центри, а граѓанскиот сектор не е вклучен во справувањето со овој проблем. Институциите не соработуваат и не водат заедничка статистика.
„Освен Народниот правобранител и Европската Унија, никој не се занимава системски со ова прашање“, предупредува Бајрамовска-Мустафа. Според анализата, во 2023 година најголем дел од децата-корисници биле Албанци, а во 2024 – Македонци.
Резултатите од истражувањето ќе бидат доставени до Министерствата за здравство, труд и социјала, внатрешни работи и правда, до центрите за социјална работа и здравствените установи, вклучително и Детската клиника.