Претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната работна средба во Прага со претседателот на Сенатот Милош Вистрчил и претседателката на Домот на пратеници на Чешката Република Маркета Пекарова Адамова, на која присуствуваа и претседателите на парламентите на земјите кандидати за членство, даде краток осврт на евроинтеграцискиот пат на Република Северна Македонија, информираат од законодавниот дом.
Тој на состанокот, кој се одржа пред официјалниот почеток на годишната Конференција на претседатели на парламенти на земјите членки на ЕУ, а на тема националните парламенти на патот кон ЕУ, интеграцијата во ЕУ и приоритетните области за земјите кандидати, информираше за текот на скрининг процесот и изрази очекување дека во 2023 година ќе се случат сите посакувани и потребни промени и напредок на државата кон ЕУ, пред сè поради придобивките за граѓаните.
Џафери нагласи дека геополитичките промени на европскиот континент, како резултат на воената агресија од страна на Русија врз Украина, само потврдуваат дека политиката на проширување останува најдобрата алатка за стабилност, солидарност и одржливост.
– Поздравувајќи го доделувањето на кандидатски статус на Украина и Молдавија, претседателот Џафери нагласи дека јасната европска перспектива на земјите од Западен Балкан, преку предвидливи и забрзани процеси на интеграција се од голем интерес за Унијата од политички, безбедносен и економски аспект, а неоправданото одложување на процесот на пристапување би можело да го доведе во прашање угледот на ЕУ како доверлив партнер и нејзината водечка геополитичка улога, информираат од Собранието.
Претседателите споделиле искуства на своите односни земји во однос на евроинтеграциите и предизвиците со кои се соочуваат на нивниот пат.
– Заедничка беше констатацијата дека, иако се наоѓаат во различни фази на евроинтеграцискиот процес, државите треба да се оценуваат според сопствените заслуги, процесот да содржи јасни услови, преговорите да не траат предолго и методологијата да не се менува постојано. Исто така, соговорниците се согласија дека процесот мора да се забрза, бидејќи иднината на Унијата и нејзината безбедност зависат од проширувањето, соопштуваат од Парламентот.
На средбата, покрај Џафери, присутни биле и Денис Звиздиќ, претседател на Претставничкиот дом на Босна и Херцеговина, Игор Гросу, претседател на Парламентот на Молдавија, Владимир Орлиќ, претседател на Народното собрание на Србија, Руслан Стефанчук, претседател на Парламентот на Украина и Агрон Ѓекмаркај, потпретседател на Парламентот на Албанија.