Димитриеска-Кочоска: Подготвени сме да ги укинеме царините за производи од САД

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска соопшти дека Македонија е подготвена да ги намали, па дури и целосно да ги укине царинските стапки за увоз на производи од САД, без да се наруши Буџетот, бидејќи трговијата со САД учествува со под еден отсто во вкупната надворешна размена.

На прес-конференција во Владата, министерката најави измени во Законот за царинска тарифа како дел од понудата кон САД, додека се водат разговори за можно склучување договор за слободна трговија.

„Можеме да одиме до нула отсто царини, бидејќи ефектот врз буџетот е занемарлив“, изјави Димитриеска-Кочоска. Според неа, лани извозот кон САД изнесувал околу 100 милиони евра, што е релативно мал износ.

Таа нагласи дека не постојат царински стапки од 65%, како што беше објавено, и оти податоците се јавно достапни. Дополнително, прелевманите (заштитни давачки) за земјоделски производи се користат за заштита на домашното производство, нешто што го практикуваат и други држави.

Министерката оцени дека нема да има директни или краткорочни негативни ефекти врз економијата, и апелираше да не се шири паника. Според неа, евентуалните ценовни корекции и промени во производството бараат време.

Во врска со една компанија што најавила заминување поради извозна зависност од САД, таа рече дека проблемот се решава и оти не се очекуваат масовни отпуштања, бидејќи има недостиг на работна сила во земјава.

Зачлени се на нашиот е-билтен