Во раните утрински часови на 1 март, низ Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија, но и во северниот дел на Грција, Албанија и делови од Србија, луѓето си разменуваат мартинки – мали украси од црвен и бел конец. Овој древен обичај, прогласен за заштитено нематеријално културно наследство на УНЕСКО во 2017 година, продолжува да живее, сведочејќи за вековната традиција и поврзаноста меѓу народите.
-Јас сум лично поврзана со мартинките, бидејќи тие не се само дел од светското наследство, туку и од моето семејно наследство“, вели археологот и креативен директор на „ХАЕМУС“, Василка Димитровска.
„Првата мартинка ја добив од мојата баба, Македонка од Солун, која при бегството во 1948 година за време на Граѓанската војна во Грција, со себе понесе неколку најдрагоцени работи – една од нив беше мартинката. Замислете, кога бегате од својот дом, што би понеле со себе? Таа мартинка сè уште е во нашата семејна колекција и претставува нешто што ме води низ годините, раскажува таа за Рацин.мк
Основата на секоја мартинка е бел и црвен конец – белото симболизира живот и чистота, додека црвеното означува здравје и среќа. Овој традиционален украс обично се изработува во ноќта или утрото пред 1 март и се подарува на најблиските како симболична желба за здравје, љубов и благосостојба.

Обичајот налага мартинката да се носи додека не се види првото овошно дрво кое расцеталот или пак птица, а потоа се закачува во природата и се замислува желба.
„Тоа е еден начин на кој се затвора пролетниот обреден циклус, како што го нарекуваат етнолозите“, додава Димитровска. „Додека во некои земји обичајот е комерцијализиран, во Македонија мартинката останува живо наследство, кое сè уште има длабоко значење за луѓето.“
Баба Марта и митологијата
Март е месецот на Баба Марта – митолошки лик што според народните верувања носи променливо време.
„Баба Марта со 300 ума, сечко сече, Марта влече – овие поговорки сведочат за нејзината непредвидливост. Како митолошка фигура, таа е слична на самовилите и русалките, носејќи со себе елементи на фолклорна магија и древни верувања. Прославата на мартинките е можност да го почувствуваме духот на традиционалната македонска митологија, вели Димитровска.

Во народните приказни, од Баба Марта и нејзиното расположение зависи какво ќе биде времето во текот на месецот. Кога е весела, деновите се сончеви и топли, но ако се налути, студени ветрови и дождови ќе го одбележат мартовскиот период. Ова верување дополнително ја засилува симболиката на мартинката како заштитник од болести и лоша среќа, поврзувајќи ја со природните циклуси на обновување.
Мартинката како културно наследство
Во 2013 година, „ХАЕМУС“ се вклучи во мултинационалната иницијатива за впишување на мартинките во репрезентативната листа на УНЕСКО. Во 2017 година, тие беа официјално признати како светско нематеријално културно наследство, а „ХАЕМУС“ стана правен носител на оваа традиција во Македонија.
За да ја зачува традицијата, организацијата ја основа манифестацијата „Денот на Баба Марта“, која со години прерасна во важен културен настан.

„Задничките традиции треба да обединуваат, а не да разделуваат“, вели Димитровска, потенцирајќи дека мартинките се токму тоа – симбол на споделена културна историја. Оваа посветеност кон зачувување на традицијата беше призната и на европско ниво – во 2020 година, „Денот на Баба Марта“ доби престижна награда од Советот на Европа и Европската комисија за „Најдобра европска приказна“.
Со оваа награда пристигна и финансиска поддршка за создавање публикации, боенки и илустрирани читанки на македонски, албански, турски и англиски јазик, како и детски анимиран филм.
Дополнително, преку оваа иницијатива, мартинките станаа платформа за едукативни активности како што беше настанот кој ХАЕМУС го организираше во „ Europe House “, во Скопје, при што децата и младите се па и возрасните се запознаваат со нивната историја, симболика и значење.
„Ова е начин да се осигураме дека традицијата ќе продолжи да живее и во иднина“, вели Димитровска.

Мартинката не е само украс, туку дел од колективната меморија на народите на Балканот, но и во Источна Европа. Низ вековите, таа останала неизбришлив симбол на пролетта, новиот почеток и заедништвото.
Додека светот се менува, мартинката продолжува да се пренесува од генерација на генерација, сведочејќи за културното богатство и непрекинатата врска меѓу луѓето.
„Мартинката е дел од нашата приказна, нашата историја и нашата поврзаност со оние што ни значат“, заклучува Димитровска, уверена дека оваа прекрасна традиција ќе продолжи да живее уште многу години.