Илија Димовски, поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за ТВ Сител, оцени дека изборот на Надежда Неински за министерка за надворешни работи на Бугарија е добар сигнал за односите Македонија-Бугарија.
„Надежда Неински е, всушност Надежда Михајлова, којашто беше министерка за надворешни работи во владата на Иван Костов од 1997 до 2001 година. Во период кога Костов и Љубчо Георгиевски го потпишаа првиот договор за пријатеслтво меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Беше министерка и за време на нашата криза (2001, н.з.) и во моментот кога Бугарија со сериозна воена помоша ѝ помогна на Македонија. Така што, ако треба нешто да извлечеме, е дека беше министерка во најдоброто време време на однсоте меѓу двете земји. Една од најпријателските влади што ги имала некоја влада во изминатите 30 години, е токму таа влада на Иван Костов“, рече Димовски.
Тој потсети дека Надежда Неински (Михајлова) беше често присутна во Скопје, имаше одлични релации со министрите во владата на Црвенковски до 1998, но имаше одлични односи и со министрите и во владата на Георгиевски.
„Тоа е добар сигнал, дека таа госпоѓа има некаков однос Македонија, како и премиерот (Андреј Ѓуров) кој потекнува од градот Гоце Делчев, во Пиринска Македонија“, смета Илија Димовски.
Тој додаде дека актуелната влада во Бугарија “не е техничка, како кај нас, туку времена, со полни овластувања. Иако е времена, станува влада со полн капацитет“.
За Димовски, телефонскиот разговор на Муцунски со Надежда Неински е добар потег.
„Во ова кратко време, но заради динамиката со ЕУ е значајно да упатиме позитивни пораки и да се надеваме дека оваа констелација што е сега во Бугарија е поразумна и ќе ја разбере нашата ситуација“, рече Илија Димовски во интервјуто за Тв Сител.