„Главната уредничка на МТВ2, Мерита Гаши, веројатно ќе биде отстранета од својата позиција“, дознава скопскиот портал Фокус.
Се очекува дека ова ќе биде епилогот од случајот, откако денес Програмскиот совет на Јавниот сервис го задолжи генералниот директор Марјан Цветковски да покрене дисциплинска постапка преку која ќе се испита и ќе се утврди кој дозволил емитување на контроверзната песна и со тоа ги прекршил законските одредби.
„Постапката треба да покаже кој е одговорен и кој треба да ги сноси последиците, но во исто време посочивме дека е потребно да се зајакнат механизмите за следење на сè што се емитува на МРТ за да не се случуваат вакви и какви било други прекршувања во иднина“, изјави за Фокус Давор Пашоски, претседател на Програмскиот совет.
Според објвата, случајот сега е во рацете на првиот човек на МРТ, Цветковски, кој, преку законските овластувања што ги има, треба да најде конкретна одговорност за таков пропуст.
Во телефонски разговор за Фокус, тој не ја исклучил можноста да ја замени уредничката Гаши, и покрај фактот дека, според информациите, таа подолго време е на боледување.
Снимка од песна од детски фестивал каде девојче во маица со мапа на „Голема Албанија“ ја пее песната „Trojet shiptare“ („Албански простори/земји“) и во неа повикува на обединување на Албанците во една држава, на штета на териториите на нивните соседни земји и народи, беше емитувана во саботата во 11 часот на каналот MTV2.
Дел од текстот на песната гласи: „Ќе дојде денот кога сите ќе бидеме заедно, затоа што сме еден народ, еден сон, една цел“.
Песната завршува со мотиви на слобода и опстанок, со порака дека народот ќе живее слободно. Реакциите на мaкедонската јавност се засилија поради емитуваниот визуелен прилог, во кој беше прикажана мапа на имагинарна држава што го вклучува целото таканаречено Косово, но и делови од Македонија, Србија, Грција и Црна Гора, објавува порталот „Слободна штампа“.