Дишете ПМ 2,5 и голтајте тешки метали, тоа е новото нормално

Нема ништо ново да откриеме ако констатираме дека во Македонија проблемот со загадувањето не е само еколошки, туку системски. Не е од вчера, туку децении. Наместо континуирано и целосно да ги гарантираат здравјето и животната средина, институциите често ги минимизираат ризиците или реагираат со задоцнување, оставајќи штетни практики да стануваат секојдневие. Да стануваат нормална состојба

Загадување на воздухот, долгодишна здравствена криза без ефикасна реакција

Стапките на ПМ10 и ПМ2.5 честички во воздухот редовно ја надминуваат препорачаната граница и Скопје и другите градови, Тетово, Струмица, Битола, се меѓу најзагадените во регионот. Според податоците на О2 иницијатива, концентрациите на ПМ2.5 во зима можат да бидат и 18 пати над безбедните нивоа.

Поразително е што ниту Лазарополе, кое важи за рефренетно чисто подрачје, не ги исполнува здравствените граници за PM2.5.

О2 иницијатива истакнува дека над 3.500 лица годишно умираат како последица на загадениот воздух, но не се преземаат брзи и ефикасни мерки. Владата и Град Скопје најавуваат изградба на когенеративни централи кои, според критичарите, ќе ја продолжат зависноста од фосилни горива, наместо да адресираат коренски извори на загадувањето.

„Проблемот со високото аерозагадување не е еколошки проблем, туку претставува здравствена криза и како таква треба да се реши што побргу, а не да се влече со децении и политички да се калкулира со мерките кои се неопходни за нејзино решавање, велат од „02 Иницијатива“ во своето јавно соопштение-анализа.

Иако официјалните податоци покажуваат редукција на некои емисии на национално ниво, тоа често се користи за да се создаде перцепција дека состојбата е „под контрола“. Овој тренд создава опасна привид за нормализација што ги потценува ризиците за јавното здравје.

Системски пропусти во водите: Таор и Крива Река

Делови од површинските води во земјата се под критична закана од загадување, а одговорот на институциите открива структурни слабости.

Таор – токсични метали и инфраструктурни неуспеси

Неодамна објавените анализи покажаа загрижувачки концентрации на жива и сребро во каналот кај селото Таор, каде отпадните води од четири општини се испуштаат директно во водните канализациски системи, а потоа завршуваат во подзмените води затоа што нема пречистителни станиви.

Ова е дел од системските eколошки пропусти кои предизвикуваат долготрајно токсично оптоварување. Инспекциските одговори се минимални со препораки за „континуирано следење“, наместо решителни мерки за спречување.

Крива Река – еколошка катастрофа и црни статистики

Во март 2025 година, после хаварија во рудникот „Тораница“, анализите на О2 иницијатива покажаа дека водите во Крива Река и Тораничка Река биле класифицирани како петта класа — тоа значи силно загадени и неупотребливи за било каква намена. Во примероците се детектирани концентрации на кадмиум, олово, цијаниди и други токсини многу пати над дозволените граници.

Според локални извештаи, Државниот инспекторат за животна средина не постапил навремено по хаваријата, не земал доволно примероци од водата, а изјавите од компанијата „Булмак 2016“ се однесувале на техничка вода без опасни материи, што експертите и независните анализи ги негираат

Овие случаи не се изолирани — тие откриваат системски недостатоци во мониторингот, транспарентноста и спроведувањето на законот.

Државна и институционална пасивност

Иако постојат стратегии, акциски планови и меѓународни обврски за заштита на животната средина, во практика често тие остануваат само на хартија. Локалните еколошки планови упатуваат на сериозни недостатоци од недостиг на пречистителни станици за отпадни води, до слаба соработка помеѓу општините и државните органи.

Истовремено, мониторингот на воздухот и водите често се прави со задоцнување, или со недоволен опсег, што резултира со информација што е несоодветна за заштита на јавноста. Ова отвора простор за нормализација на ризиците каде што неколку натпросечно загадени денови стануваат „ново нормално“.

Што има на големата слика?

• Загадувањето не е само епизода. Тоа е континуиран феномен што ги загрозува здравјето и животната средина.
• Институциите често одговараат со козметички, со задоцнети или неадекватни мерки.
• Државата ретко ја признава целата сериозност на ризиците.
• Јавноста, аналитичарите и невладините организации повикуваат на итни и системски решенија. И тоа е дел од новото нормално.

Нормализирањето на загадувањето, дали преку официјални статистики, минимизирање на штетите од еколошките инциденти или ограничена институционална реакција, јасно покажува дека системот повеќе реагира на притисок отколку на превенција. Без сериозни, транспарентни и навремени интервенции, оваа „нова нормалност“ ќе продолжи да ги загрозува нашите реки, воздух и здравје.

Зачлени се на нашиот е-билтен