Сè уште не се знае дали граѓаните на Македонија по една до две години ќе треба да купуваат зелен картон за да влезат во Србија, Албанија, Црна Гора, Молдавија и во Босна и Херцеговина. Владата до крајот на годинава треба да одлучи дали ќе се приклучи на иницијативата на Централно-европскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) со кој се предвидува возачите од една земја на ЦЕФТА да патуваат во друга без да имаат потреба од зелен картон или еквивалентна документација за осигурување.
Од Владата велат дека го добиле нацрт-патоказот од ЦЕФТА, а институциите задолжени за тој сектор работат на предлозите како тоа да се направи.
Договорот за укинување на зелениот картон меѓу земјите на ЦЕФТА, за да се олесни движењето на луѓето и стоките во рамки на ЦЕФТА, треба да се потврди на претстојниот министерски состанок закажан за декември.
На 9 октомври 2024 година, заедничкиот комитет на ЦЕФТА усвои препорака (1/2024), која на земјите од ЦЕФТА им предлага мерки за олеснување на процесите за осигурување од автоодговорност на трети лица во рамки на пазарот на ЦЕФТА. Тоа подразбира возачите од една земја на ЦЕФТА да патуваат во друга земја без да имаат потреба од зелена карта или еквивалентна документација за осигурување, како и намалување на административната такса за зелен картон и дигитализација на документите за осигурување на возилата. Рокот за ова е октомври 2026 година.
– До октомври 2025 година треба да се намалат административните такси за добивање зелена карта и да се овозможи признавање на осигурувањето од автоодговорност за трети лица (MTPL) врз основа на регистрациските таблици на возилата издадени од земјите кои се членки на мултилатералниот договор. Дополнително, заедничкиот комитет на ЦЕФТА ги повикува земјите целосно да ги дигитализираат осигурителните документи и да овозможат нивна електронска размена. Оваа дигитална транзиција има за цел да ја елиминира потребата од физички осигурителни документи при патување во рамките на ЦЕФТА – велат од ЦЕФТА.
Оттаму додаваат дека овие активности се засноваат на Акцискиот план за воспоставување заеднички регионален пазар и приоритети на претседателството на ЦЕФТА за 2024 година.
Од Владата велат дека е добиен нацрт-патоказ којшто е изготвен во рамки на Централно-европскиот договор за слободна трговија, кој е во насока на олеснување на движењето на луѓето и на моторните возила во рамки на земјите членки на ЦЕФТА и се работи на нив. Процесот е сложен и додаваат дека треба да се оди постепено.
– Во однос на добиениот нацрт-патоказ, ве информираме дека се преземаат активности со цел да се дефинираат конкретните чекори согласно утврдена временска динамика. Имено, се работи на утврдување предлози коишто засега не се доставени до Владата, меѓутоа штом бидат доставени до Владата за нивно усвојување, истите веднаш ќе бидат споделени со јавноста – велат за Плусинфо од Владата.
Познавачи на состојбите велат дека прашањето на зелените карти и осигурувањето на возилата за трети лица за странство и издавањето на зелените картони треба да се реши интегрално и да важи за сите земји во ЕУ и во другите региони, не само за земјите од ЦЕФТА, бидејќи целиот процес е сложен и бара подетални анализи на состојбите. Според нив, процесот е сложен, а решенијата не треба да бидат ниту на штета на граѓаните, компаниите и на превозниците, ниту пак на осигурителните компании. При тоа ќе биде потребно да се менуваат повеќе закони, а можно е да се менува и начинот на осигурување на возилата.
Билјана Муратовска од Макам транс вели дека предлогот на ЦЕФТА ќе го олесни движењето на камионите, но не е сигурна е дека тоа нема да влијае на цената на осигурувањето на возилата и покривањето на штетата направена во странство.
– Секако ова е поволно за превозниците, ако при тоа не подразбира и менување на начинот на осигурување и покривање на штетите кои при незгоди ги имаат во странство. Не се знаат многу детали од иницијативата на ЦЕФТА, па не можеме да кажеме конкретно што ќе значи сето тоа за превозниците, бидејќи може да повлече и промена на начинот на осигурување на возилата и нови повисоки цени. Сепак, при донесувањето некакви решенија мислам дека ќе треба да се слушне и мислењето на превозниците и граѓаните кои се засегнати како со цените на осигурувањето од автоодговорност, висината на цената на зелениот картон и секако условите за покривање на штетите направени во странство – вели таа.
Граѓаните сè уште не знаат што ќе се случува, но и тие не се за некои промени во начинот на осигурување на возилата.
– Секако би било добро да не плаќаме толку пари за вадење зелен картон, но нема информации дали со тоа дека нема да има зелен картон за Србија и за другите земји од ЦЕФТА, нема да има и повисока цена за осигурување на возилата. Ме плаши дека оваа најава има скриена цел која ќе ни го поскапи осигурувањето на возилата – вели скопјанецот Ален А.
Во земјава зелен картон се издава врз основа на издадена полиса за осигурување од автомобилска одговорност од соодветна компанија и е замена за полисата за осигурување од автомобилска одговорност. Премијата за издавање зелен картон се утврдува според јачината на моторот на возилото и се издава на еден месец или една година. За еден месец таа се движи меѓу 1.850 и 3.075 денари, а за една година 3.690 за возило со 66 киловати до 17.222 денари за автобуси и камиони. За мотоцикли премијата за издавање зелениот картон изнесува 1.850 денари.
Зелениот картон е доказ дека сопственикот на возилото платил осигурување од автоодговорност за трети лица.
Во најголемиот дел од земјите членки на Европската Унија, сопствениците на автомобили плаќаат по 5 или 10 евра за добивање зелен картон.