Иако биле предупредени, Министерството за животна средина не предвидело пари за реконструкција на хидросистемот Ѓавато за дотур на вода во Дојранско Езеро.
„Испраќавме дописи до министерството и постојано предупредувавме дека доколку не се реконструира хидросистемот Ѓавато од кој се полни Дојранско Езеро, ќе следи нова еколошка катастрофа. Последен пат на оваа тема имавме средба со министерот за животна средина и просторно планирање во ноември минатата година“, изјави за Рацин.мк градоначалникот на Општина Дојран Анго Ангов.

Но, иако биле на ваков начин предупредени, Министерството за животна средина ниту во буџетот за 2025, ниту се ребалансот на буџетот што беше направен минатиот месец, не предвиде 1 милион евра колку што е потребно за реконструкција на системот Ѓавато со кој се полни Дојранско Езеро.
Наместо тоа, МЖСПП одлучи да ја исклучи струјата за работа на пумпите на системот затоа што сметките биле високи.
Ангов потсетува дека хидроситемот откога е изграден во 2002 година ниту еднаш не е реконструиран што треба да биде вообичаена пракса кога станува збор за ваков тип инфраструктура. Досега можеа да изградат и фотоволтаична електрана, бидејќи подбебјето е податливо за тоа и на тој начин да се реши напојувањето со струја за хидросистемот.

Минатата недела на прашање на МИА до Министерството за екологија и просторно планирање и на нашето прашање што ќе преземат како итна мерка за да не дојде до нова еколошка катастрофа, одговорија дека Владата и надлежните се информирани за состојбата со хидросистемот и неопходноста од рехабилитација.
– Засега се во функција само неколку пумпи кои обезбедуваат зафаќање на вода од бунарското подрачје. Дополнителен проблем е и лошата состојба на каналот кој е уништен и кој не обезбедува целосен доток на вода од пумпите до Езерото. Министерството во овој момент се труди и во една ваква состојба да обезбеди дневен дотек на вода до езерото. Во меѓувреме се спроведува постапка за изработка на студија/проект за рехабилитација на хидросистемот, се наведува во одговорот на ресорното Министерство.
Од друга страна, пак, според Ангов, дури и да има дотур на вода, тоа е само „капка вода во морето“, зашто за одржливост на езерото потребни се 300 литри вода во секунда.
Градоначалникот на Дојран не извести дека нивото на водата сега е веќе под нулта котата и дека езерото е на чекор до еколошка катастрофа, а кампањата што се крена околу ова прашање влијаеше и на туристичката сезона.
Според мерењата од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), нивото на Дојранското Езеро скоро една година постојано е околу 80 сантиметри под договорениот минимум. Езерото полека се празни и ако пред неколку години нивото на водата беше до шеталиштето и кејот, сега е повлечено десетина и повеќе метри и им создава проблеми на туристите како да се искапат, но и на дојранчани како да ги уредат плажите.
Фотографии: Рацин.мк и МИА