Долга е листата на вмровци што докторираат додека се на функција

вмровци
Никола Груевски прима честитки за успешно одбранетата докторска теза во 2018 година.

Овие денови е актуелна темата дека високи функционери на власта, за време на нивниот активен мандат поднеле тези за магистерски или докторски. Некои и за двете: Во еден мандат две титули, ем магистер, ем доктор по науки.

Таков пример е актуелниот министер за внатрешни работи Панче Тошковски. Како министер магистрираше на 22 октомври оваа година со тезата „Кримилошки и компаративни аспекти за унапредување на безбедноста во сообраќајот“, на Правниот факултат при УКИМ во Скопје.

На 22 декември, два месеци подоцна, Правниот факултет на Универзитетот Св. Климент Охрудски во Битола, ја објави листата на докторски студии, на која на четврто место е – Панче Тошковски. Ментор му е професорот Борис Мурговски.

И двете тези му се од областа на сообраќајот, поточно од „Безбеден град“ и од спецификите на овој систем за безбедноста во сообраќајот.

Тошковки не гледа ништо спорно што голем дел, ако не и нејголем, од информациите и референците за „Безбеден град“ му се овозможени заради тоа што е на функцијата којашто му го дозволува тој пристап, а кој е овозможен од народни пари и благодарение на јавните политики.

„Темата на мојот докторски труд, која е во фаза на дефинирање, ќе биде насочена кон безбедноста на патниот сообраќај, како јасен и логичен научен континуитет на мојата магистерска работа од истата област. Истражувањето ќе биде спроведено преку утврдени научни методи и ќе биде насочено кон унапредување на системските решенија и јавните политики, што е суштински различно и целосно одвоено од какви било конкретни оперативни проекти или тековни активности на МВР“, изјавил за Радио Слободна Европа Панче Тошковски.

Панче Тошковски ќе му биде колега на Бојан Христовски, директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), кој исто така запишал докторски студии додека е на функција.

Кога медиумите објавија за неговиот упис на докторски студии, Бојан Христовски изјави дека одлуката да запише докторат додека е директор на АНБ „не е ниту контрадикторна ниту спорна, туку напротив, претставува одраз на неговата свесност дека функцијата е минлива а образованието може да му послужи во понатамошната кариера во која и да е институција“.

Тоа се нивните изјави како докторанти, но тоа не им пречеше да се појават на церемонијата на новата академска година како функционери на власта.

Прв академски час на Факултетот за безбедност, министерот Панче Тошковски (централно) и директорот на АНБ Бојан Христовски (втор од лево), Фотографијата е од веб страницата на УКЛО Битола, преземена од Радио Слободна Европа

Оваа двојна улога за долгодишната антикорупционерка и директора на Транспаренси Слаѓана Тасева, го исправа прашањето за етиката како клучно прашање, особено кога постои потенцијален судир на интереси поради позицијата на кандидатите и врската со институцијата.

Во изјава за Радио Слободна Европа, Тасева вели: „Центарот за безбедност е директно под МВР, а Факултетот е под Битолскиот универзитет. Треба да се види дали Универзитетот во Битола има правила за оградување од судир на интереси и влијанија, треба да се провери етиката. Тие требало претходно да имаат магистрирано на нешто слично, па да поминал одреден период којшто бил исполнет со работа на таа тема и објавување на некакви трудови. Треба да се види што напишале претходно на темата за да може да подготвуваат и да работат докторати“.

Игор Филков не е вмровец, ама е функционер на власта. Но и за него не е спорно што титулата магистер по правосудството ја стекна како министер за правда. Неговата теза „Креирање стратегии во сферата на правосудството како надлежност на Министерството за правда“ ја одбрани на 12 септември, стои на официјалниот сајт на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Филков досега не се произнесе дали наскоро планира и да докторира.

Инаку, долга е листата на вмровци што докторираат додека се на функција.

Никола Груевски седна на премиерската функција како дипломиран економист. За време на премиерската функција одбрани магистратура на Економскиот факултет, а како бегалец замина со докторака титула на тема „Економските ефекти на различните видови меѓународни текови на капитал со посебен осврт на Република Македонија“.

Неговата блиска соработничка во владата 2008-2016, Гордана Јанкуловска се здоби со титула доктор на науки со докторска дисертација на тема „Современи методи на сузбивање на транснационалниот економско финансиски криминал“.

И ликови кои никогаш не би ги поврзале со академски титули, за време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ се стекнаа со високи „научни“ титули. Не ни е познато дали ја одбранил докторската теза, но фамозниот Урко, Дејан Митровски, беше докторант на Југозападен Универзитет “Неофит Рилски” – Благоевград, Бугарија, на тамошниот Факултет за право и историја во 2019 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен